Денвер ја доби битката за врвот на Западот, Јокиќ повторно руши рекорди и покажа зошто е фаворит за МВП-трофејот (Видео)

Кошаркарите на Денвер нагетс ја совладаа Минесота тимбервулфс со 116:107 во мечот за првото место во Западнара конференција.

Денвер само на два меча до крајот на регуларниот дел од сезоната има учинок од 56 победи и 24 порази, додека Минесота е втора со 55-25.

 

Кога беше најпотребно, Никола Јокиќ одигра најдобро и покажа зошто е главен фаворит за признанието за најкорисен играч (МВП) во регуларниот дел од сезоната.

 

Јокиќ постигна 41 поен, а имаше уште и 11 скока и седум асистенции со кои стана вториот најдобар центар во историјата со најмногу додавања. Јокиќ утринава дојде до 4.644 асистенции, една повеќе од легендарниот центар Вилт Чембрлен, додека на првото место е Карим Абдул Џабар, кој има 5.660 асистенции.

 

Победникот беше решен на средина од последната четвртина, кога Денвер направи серија 7:0 и поведе со 97:87, предност која не ја испушти до крајот.
Покрај Јокиќ, кај Денвер се истакнаа и Џамал Мареј со 20 и Мајкл Портер јуниор со 18 поени, додека во редовите на Минесота најдобри беа Ентони Едвардс со 25 и Мајк Конли со 19 поени.

 

Феникс санс во дербито на Западот со 124:108 го совлада ЛА клиперс и ги задржа шансите за освојување на шестото место, кое директно води во плејофот. Феникс е седми на Западот со 47-33, додека шестиот Њу Орлеанс има 47-32. Девин Букер со 37 поени беше најзаслжен за победата на Феникс.

 

Далас маверикс со 111:92 го победи Мајами хит во меч на кој доминираше дуото Лука Дончиќ – Кајри Ирвинг. Дончиќ беше многу блиску до трипл-дабл, имаше 29 поени и по девет скокови и асистенции, додека Ирвинг постигна 25 поени.

Резултати: Кливленд – Мемфис 110:98, Атланта – Шарлот 114:115, Бруклин – Торонто 106:102, Мајами – Далас 92:111, Милвоки – Орландо 117:99, Оклахома сити – Сан Антонио 127:89, Денвер – Минесота 116:107, ЛА клиперс – Феникс 108:124.

- Оглас -

Најнови вести