Треба да зборуваме повеќе за АИ и за користа од неа, но и за опасностите – не само за наводното „уништување“ на светот. Аспектот за кој (сè уште) никој не зборува е зависничкиот.
За зависностите сме зборувале повеќе во минатото во текстовите како „Дали во Македонија се живее подобро отколку во Америка!?“ „Фармацевтот“, еден човек против епидемијата на опијати“, Имате панични напади?”, „Drugs.inc“ и други. Но, како може да има зависност од вештачка интелигенција?
Кога се користи генеричка вештачка интелигенција, од неа се бара да создаде одреден текст, слика, музика, наскоро и филм. Кога корисникот задава наредба (prompt), никогаш со сигурност не знае што ќе излезе од другата страна. Ако го добие тоа што го сака, следува ендорфинска реакција која веројатно наликува на добивањето награда при кладење.
Но, дури и кога нема да го добие она што го барал, може неочекувано да добие нешто уште подобро. Наскоро корисникот повторно го бара истото чувство и играта станува бескрајна.
На истиот принцип функционираат и социјалните медиуми со „swipe“ функцијата која наликува на повлекување рачка при играње на т.н. слот машина. Во интервју од 2018 година, Тристан Харис (поранешен етичар на дизајнот во Google) објасни дека некои од најуспешните стратегии на социјалните медиуми се преземени директно од индустријата за коцкање.
Замислете дека АИ наскоро ќе ви овозможи да креирате свои светови преку едноставни наредби, кој би можел да одолеа на тоа!?
Треба да се зборува повеќе за зависничкиот аспект на АИ кој наскоро може да стане голем проблем кај корисниците.