Наспроти Пендаровски

Објавил: Калина Мартинска | 25 април, 2024 13:56

60:2 е победата на Силјановска-Давкова по општини

Фото/Текст извор: ©dw,com.mk

Кандидатката за шеф на државата од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова ја доби довербата на гласачите во дури 60 општини, а Стево Пендаровски од СДСМ во две. Бујар Османи од ДУИ во 16, а Арбен Таравари од Вреди и Максим Димитриевски од ЗНАМ се најдоа први на листата во по една општина.

Пендаровски, според првичните резултатите на ДИК е посупериорен само во Крушево и Маврово и Ростуше. Во Крушево, Пендаровски освои 2.026 гласа, а Сиљановска ја доби поддршката од 1.778 гласачи. Во Маврово и Ростуше, пак, фаворитот на СДСМ и колалицијата ја доби довербата од 1.091 гласач, додека за противкандидатката од ВМРО-ДПМНЕ гласале 1.036 граѓани.

Пендаровски има предност пред Сиљановска и во Општина Центар Жупа, каде прв на листата е кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, со освоени 448 гласа. Пендаровски во оваа општина има освоено 447, а Сиљановска 306 гласа. Во Општина Струмица, „бастионот“ на СДСМ, каде партијата традионално ја добива поддршката на гласачите, на овие претседателски избори во првиот круг победи Сиљановска со 11.808 гласа, додека за Пендаровски гласале 9.008 избирачи.

Од тројцата актуелни градоначалници кои се кандидираа за претседател на државата само двајца добија најголем број гласови во општините каде се градоначалници – Максим Димитриевски во Куманово и Арбен Таравари во Гостивар.

Во општина Куманово најмногу гласови освои Максим Димитриевски 14.286 (30,16%). По него, следи Гордана Сиљановска Давкова со 11.982 гласови (25,29%), Бујар Османи со 6.203 (13,09%), Стево Пендаровски со 7.399 (15,62%), Арбен Таравари со 4.325 (9,13%), Билјана Ванковска со 1.814 (3,83%) и Стевчо Јакимовски со 238 (0,50%).

Стевчо Јакимовски, пак, во Карпош освои шест проценти од гласовите. Од вкупно 8.013 гласови, во општината со која раководи има добиено поддршка од 2.143 гласачи. Четворица кандидати за претседател имаат повеќе гласови од него, меѓу кои Ванковска и Димитриевски.

Излезноста на гласачите според податоците од 3.156 избирачки места изнесува 49,75 отсто. На гласање излегле 810 971 гласачи. Важечки гласачки ливчиња се 789 031, а неважечки 21. 946 гласачки ливчиња. Право на глас имаа 1.814.317 граѓани запишани во избирачки список. Во вториот круг кој ќе се одржи на 8 мај, заедно со парламентарните избори ќе се соочат кандидати кои добија најмногу гласови – Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски.

Ова се седми непосредни избори за претседател од независноста на државата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.