Пензионерска изборна ујдурма

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Денешниот протест е испровоциран главно поради недемократските и нелегитимни избори на повеќето органи и тела во организацијата што можат да се наречат тајни избори, бидејќи ниту еден отсто од членовите на здруженијата не беа известени дека ќе се одржуваат?!

Како во приказните на американскиот писател и карикатурист Рипли (Верувале или не), секој може да се запраша дали навистина е можно нешто слично да се случува и да се прави во пензионерската организација?! Но, за чудење е дали навистина тие возрасни, мудри и искусни луѓе при сета памет и совест организираа нелегални, нелегитимни и манипулативни избори во здруженијата на пензионери (ЗП) и во Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија (СЗПМ) само за да ги задржат своите поранешни позиции, а сега „јадни“ без срам и перде глумат страдалници затоа што незадоволните пензионери протестираат против нивното незаконско владение?!

Несфатлива и сомнителна е нивната одлуката токму на денот на закажаниот масовен протест (денеска, шести јуни) во организација на Пензионерското движење „Тука сме“, да побегнат од седиштето во Скопје и да организираат веселба во Кочани под мотото „Ревија на песни, музика и игри“ каде што значително ќе ги зголемат издатоците и трошоците за нејзино изведување?!

Еден од големите фалсификатори со пркос ми опишуваше колку ќе биде весело на тамошната ревија без да ја спомне овдешната мачна агонија на раководството на СЗПМ, верувам поради некакво негово духовно покајание како оправдание од извршеното самосвесно влијание?! Но, кој може да им го цени и контролира паметот за да мисли и осмисли нешто што ќе ги предомисли повторно чесно и достоинствено да организираат нови избори за да нема кој да забележува и да им зборува?!

Можеби, пак, се во право некои нивни поддржувачи кога велат дека никој ништо не им може откако станаа институција од јавен интерес, па ги минимизираат протестите, демек тие биле израз на неколкумина незадоволници што сакаат да им ги преземат функциите?! Ете какви глупости кажуваат веројатно затоа што се уплашени некој да не им ги загрози личните интереси?! Но, колку не се во право може да се види и да се заклучи од платформата на движењето „Тука сме“ каде се определени целите и начинот на неговото дејствување. Фокусот не е насочен кон преземање на функциите, што беше истакното и на неодамнешната трибина за состојбите во пензионерската организација, туку кон унапредувањето на пензискиот систем со поадекватно и покреативно организирање на активностите и посебна грижа за животот и здравјето на пензионерите со  поголема заштита на социјално загрозените категории и обезбедување подобар стандард за сите возрасни лица.

Многу страници треба да се испишат за да се искаже агендата на дејствувањето на Пензионерското движење „Тука сме“, но бездруго мора да се истакне дека протестите ги организира поради незадоволството од досегашната работа на СЗПМ и против незаконското и нетранспарентно работење на раководствата во здруженијата на пензионери и во Сојузот. Протестот на 6 јуни е испровоциран главно поради недемократските и нелегитимни избори на повеќето органи и тела во организацијата што можат да се наречат тајни избори, бидејќи ниту еден отсто од членовите на здруженијата не беа известени дека ќе се одржуваат?!

Згора на тоа, срамно е и жалосно што токму најодговорните структури сами се кандидираа и избираа, иако повеќето такви претставници по десет и петнаесет години, а некои и доживотно, се на исти функции?! Сепак, невидена кулминација на изборната манипулација беше достигната со реустоличувањето на претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, што е посебно обработено и назначено во платформата на движењето „Тука сме“.

Затоа Иницијативниот одбор на ова движење бескомпромисно бара правна разрешница на изборната ујдурма во пензионерската организација и спроведување нови избори на демократски начин со изјаснување на сите членови на здруженијата на пензионери и на Сојузот!

П.С. Засрамен и со големо покајание за изборната манипулација во негова организација, еден претседател на здружение на пензионери поднесол неотповиклива оставка и во беседното обраќање изразил надеж дека неговата постапка без бариери ќе ја следат сите искомпромитирани лидери и нивни блиски аутсајдери!

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот