Македонија
(Видео) Ковачевски: Нема откажувања, ги повикувам граѓаните на 8 мај да излезат масовно и да дадат поддршка за Пендаровски и СДСМ
Со исправена глава, поставени на вистински европски пат кој е единствена опција за суштинска промена во нашата држава. Во тоа име ве повикувам масовно, ги повикувам сите граѓани на Македонија масовно да излезат на избори, на 8 мај и својот глас да го дадат за нашиот претседател Стево Пендаровски и за пратеничките листи на СДСМ и коалицијата за европска иднина, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва на митинг на коалицијата за европска иднина во Чучер Сандево.
-Сакам да ве поттикнам да разговарате со секој ваш пријател, роднина, сосед, до 8 мај, да кажете дека ДА, разбравме каде сме грешеле, дека имаме јасна програма и план како сето тоа да го поправиме и исто така да кажете дека ние сме таа партија која ги обезбеди сите овие прогресивни работи за државата и кои ја ослободија државата од канџите на само една политичка партија која имаше се во свои раце во цела една декада. Ве повикувам никогаш да не се откажете во она што веруваме и да се бориме да успееме за се она што сме го напишале во програмата да стане реалност и државата да стане многу подобра од она што е денес, рече Ковачевски.
Јас заедно со моите другари како денес, со Санела, Сузана, Оливер, Фатмир ќе бидеме секој ден меѓу граѓаните. Во секој град, секое село, секоја куќа, со секој граѓанин, додаде Ковачевски.
-Ве повикувам и вас, да ни се придружите и заедно да ја пренесеме пораката за напредна држава, пораката за држава која напредува, за држава во која сите се почитуваат и пораката за држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината и од борбата за напредна и прогресивна Македонија, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кадровски промени на Водно, правникот Божинов и новинарот Момировски ќе раководат со претседателскиот кабинет
Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова за генерален секретар на својот кабинет го именувала Ѓорѓи Божинов, пратник кој работел во Министерството за земјоделство, а за негов заменик новинарот Горан Момировски.
Од функциите се разрешени генералниот секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров, кои беа ангажирани во мандатот на доскорешниот претседател Стево Пендаровски.
Генералниот секретар Ѓорги Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, законодавната и институционалната рамка, процесите на јавни набавки, корпоративно советување, програмите за финансиска поддршка, државна помош, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области.
Претходно, Божинов својата кариера во областа на правото ја остварува на раководни административни позиции во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Македонија
Вработена во МВР наплатувала по 15.000 евра за лажно посредување за социјален стан
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишна вработена како аналитичар во СВР Скопје која е осомничена за продолжено кривично дело измама според член 247 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Од април 2023, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, осомничената довела во заблуда три лица, на кои лажно им се претставила како началник во полициска станица Гази Баба и член на Комисија за доделување социјални станови.
На трите оштетени невработени лица им ветувала дека ќе им посредува да добијат социјални станови во Лисиче по цена пониска од реалната, наведувајќи ги да и исплатат по 12.000 евра за стан и 3.000 евра за посредување и изготвување документација.
Парите и ги давале во повеќе наврати, а при последната исплата на 12.500 евра, во близина на полициската станица, била затекната веднаш по предавањето на парите.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање живеалиште, обврска повремено да се јавува кај службено лице во судот и одземање на патната исправа.
Македонија
Отфрлени се тужбите на „Европскиот фронт“ од Уставниот суд, ќе има прегласување
До доцна во ноќта Уставниот суд расправаше по тужбите на одлуките на Државната изборна комисија – ДИК за неколку избирачки места поднесени од коалицијата „Европски фронт“. Од судот соопштија за шест одлуки според кои тужбите се отфрлени како неосновани, а тоа значи, согласно одлуките на ДИК, дека ќе има прегласување на конкретни избирачки места.
„Европскиот фронт“ имаше поднесено седум тужби на одлуките на ДИК, а Управниот суд беше ограничен со роковите за нивно решавање.
Со одлуките на Управниот суд се потврдуваат решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.
Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување на едно избирачко место може да влијае на конечните резулатите од изборите, ДИК ќе организира повторно гласање 14 дена од одржувањето на изборите, односно на 22 мај.