Зошто Нетанхају не ги „послуша“ САД и ЕУ и го нападна Рафах: Аналитичарот Вакнин открива две причини за одлуката на Израел

од Nikola Popovski

Израел ја почна долгонајавуваната офанзива и презеде контрола врз преминот Рафах меѓу Појасот Газа и Египет. Операцијата доаѓа во пресрет на новата рунда преговори за прекин на огнот во Каиро. Израел вчера евакуираше илјадници луѓе од јужниот град, иако за меѓународната заедница акциите се неприфатливи. И Вашингтон одново потенцираше дека не поддржуваат операција во Рафах. Потврдија дека директорот на ЦИА е во регионот на Блискиот Исток со цел да се олеснат разговорите.

Зошто Рафах е толку важен?

-Рафах се наоѓа на границите и на Израел и на Египет. Тоа е главниот сообраќаен коридор за хуманитарна помош и воена опрема за Хамас. Околу 50 отсто од борбените сили на Хамас се дислоцирале во Рафах. Градот се наоѓа на врвот на хиперкомплексна мрежа на тунели од сите видови. Пред само два дена Хамас изврши ракетен напад од Рафах врз израелските вооружени сили кои го чуваа тамошниот терминал за камиони, вели во анализа за „Локално“, Сем Вакнин, израелски аналитичар и поранешен советник во Владата во времето на владењеето на екс-премиерот Никола Груевски.

Израелските сили влегуваат во градот Рафах

Според него, Израел е посветен на нереалната цел да го искорени Хамас и да ги убијат неговите највисоки воени лидери кои се кријат во Рафах, опкружени со живи заложници како жив штит.

Вакнин смета дека Израел постепено ќе го заземе Рафах, што ќе го олесни преместувањето на цивилното население од опасност.

-Околу 700.000 од Палестинците кои моментално се во градот се бегалци од северниот и централниот дел на Газа и Израел веројатно ќе им дозволи да се вратат во она што останало од нивните домови. И покрај тоа, логистичкиот предизвик да се обезбеди заштита, храна и засолниште на стотици илјади цивили веројатно нема успешно да се реши. Многу цивили сигурно ќе завршат како колатерална штета, оценува израелскиот аналитичар.

Високиот претставник на Европската Унија, за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел денеска изјави дека и покрај јасните предупредувања од ЕУ, САД и други земји, решеноста на Израел да изврши компнена офанзива врз Рафах ќе доведе до смрт на уште поголем број цивили. На прашањето зошто израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не ги „послуша“ САД и ЕУ, Вакнин наведува две причини:

Бенјамин Нетанјаху

-Хамас се закани дека ќе ги повтори злосторствата, колењето и силувањата на израелските цивили од 7 октомври. Израел сега ги смета Хамас и Иран како егзистенцијални закани. САД и ЕУ се бореа само со далечните непријатели, никогаш не се соочија со егзистенцијална закана, оттаму Израел е во право што ги игнорира.

Втората причина е политичкиот опстанок на Нетанјаху (и неговата слобода: тој се соочува со тешки кривични пријави во повеќе случаи). Тоа зависи од остварувањето на целите на војната и од нејзиното одолговлекување. Исто така, колку е подолга војната, толку е поголема веројатноста луѓето да се опорават од трауматичниот шок од масакрите на Хамас и да гласаат за Нетанјаху. Тој сега е заложник на екстремно десничарските политички партии во Израел, тврди соговорникот.

Во однос на предложениот план за прекин на огнот, Вакнин вели дека САД, арапскиот свет и меѓународната заедница сакаат да обезбедат траен прекин на огнот, секој од свои причини.

-Истото го прави и Хамас кој сака да се прегрупира, повторно да се вооружи, да го врати управувањето и да живее за да го нападне Израел во следна прилика. Израел сака да ги продолжи борбите, кои што се прекинати последниве недели и да оствари размена на израелските заложници со палестински затвореници. Овие цели се некомпатибилни и затоа, дури и да се договори такво примирје, голема е веројатноста тоа да биде прекршено и да доведе до обновување на борбите, заклучува израелскиот аналитичар.

Белата куќа

-Израел и Хамас треба да можат да ги надминат преостанатите несогласувања и да се договорат за примирјето за кое се разговара, изјави вчера портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби.

Тој изразил надеж дека ќе биде постигнат договор „многу брзо“ за време на тековните разговори во Каиро, Египет, и го поздрави фактот што сите страни испратиле свои преставници. Сепак, Кирби не сакал да прецизира за какви несогласувања станува збор.

-Израел ги увери САД дека нивната воена операција во милионскиот град Рафах на југот на Појасот Газа е „ограничена“ по обем и времетраење и дека треба да се престане со шверцувањето на оружје за палестинскиот исламистички Хамас, соопштил Кирби.

Додал дека операцијата долж границата меѓу Египет и Газа во источниот дел на Рафах „не е целосна инвазија“ на тој град, на што американскиот претседател Џо Бајден постојано предупредуваше од хуманитарни причини.

Кирби повторил дека Вашингтон се противи на „поголема“ офанзива на Рафах и сака што поскоро да се отвори преминот на границата со Египет за хуманитарна помош, кој вчера беше повторно затворен од израелската армија, како и испораката на помош за Газа.

Н.П.

Слични содржини