КАЛА КАРЕВСКИ: Балетот е мојот начин на живот!

825

“Ла Ла Ленд”, за светот значи познат филм, за македонската балетска публика, наслов на мултимедијалена претстава, нешто модерно – составена од балетски точки, музички точки и драмски реплики, создадена од КАЛА КАРЕВСКИ, а изведена од млади и надежни уметници.
Каде беше изведена за прв пат?
-Премиерата на “Ла Ла Ленд” беше дел од втората вечер на “Фестивал на класичен балет и модерен танц” кој се одржуваше во Македонската Опера и Балет во Јуни оваа година.
*”Ла Ла Ленд”, филмот собра дури 9 Оскари, и на Вас како на како млада креативка, делуваше магично инспиративно, го инспирираше создавањето на Вашата претстава, во која бевте во улога на сценарист, режисер, настапувачка, дури и испициент. Нѝ објаснувате дека “Ла Ла Ленд” е психолошки термин за некој кој работите ги гледа по свое, по своја перцепција, а не како што ги гледаат другите, но што е она што во рамките на овој феномен толку ве освои, како филозофија, за да ја изработите уметничка подлога а понатаму и целата структура на вашата претстава?
-За разлика од другите американски филмови со среќни краеви каде што секогаш сѐ е прикажано “совршено” овде двајцата главни актери доловуваат една многу пореална слика за животот, љубовта и соништата во Холивуд и дека сето тоа е убаво, но моментално и некои луѓе влегуваат во нашиот живот за да нѝ помогнат да станеме личноста која што треба да бидеме, но не секогаш тие исти личности треба да нѝ останат во животот. Исто така годишните времиња заземаат голем удел во нивниот развој на врската и емоциите кое што ми беше исто така многу интересно.
*Во филмот “Ла Ла Ленд”, учествуваа убавата актерка Ема, а во вашето сценско дело пак карактеристично е што учествуваат многу млади лица, од Скопје и од други градови. Како беа истите селектирани? Како ги избиравте?
-Во претставата се вклучени околу 40 луѓе. Во првата претстава настапуваа членови од Балетско студио Балерина, и исто така учествува а што ми е многу драго дека ме поддржаа девојки што учеа со мене во средното балетско училиште, а моментало се на Факултетот за музичка уметност- ФМУ. Дел беа и актери од Факултетот за драмски уметности- ФДУ и глумицата Маја Љутков. Во втората претстава настапуваа ученици од ДМБУЦ “Илија Николовски- Луј” и студио “Балерина”, а главните улоги на балетските играчи ги толкуваа Балаж Лочеи (Унгарија) првенец во МОБ и Матеа Каревски која исто така е дел од МОБ. Претежно беа одбрани млади луѓе кои ја сакаат уметноста и се отоворени за соработка за нешто ново. Исто така морам да напоменам дека на премиерата за изгледот на сите учесници се погрижија ученици од СУГС “Димитар Влахов” под менторство на нивната професорка Ферихан Махмуд- Кека кои придонесоа да изгледаат прекрасно учесниците.
*Ова беше ваше огнено крштевање. Сега веќе ве запознавме и од вас и во иднина очекуваме интересни дела на сцена. Во меѓувреме, на Ваши дваесет години, имате одиграно и во повеќе балетски претстави на МОБ, би било добро да издвоиме некои, да ја потсетиме публиката каде се ве гледала?
-За време на моето школување во средното балетско училиште, а и сега, учествувам во некои балетски претстави како дел од ансамблот на МОБ. Претставите “Лебедово езеро”, “Есмералда”, “Оревокршачка”, “Рајмонда”, “Дон Кихот”, “Клеопатра” се дел од нив.
*Вашето детство и младост беа исполнети и со турнеи и европски натпревари. Во балетот сте од мали нозе, од три години. Ја наследувате професијата на Вашата мајка која е позната балерина и кореографка во своето балетско студио “Балерина”, и Вашата сестра Матеа која е балерина во МОБ. Но вие одите чекор пред нив, вклучувајќи во Вашата уметност не само изведба кореографија туку и повеќе уметности, драмска, сценографска, режисерска…
-Покрај големата љубов да танцувам класичен и модерен танц, сакам да се занимавам со креирање на дела поразлични од тоа што е навикната публиката во Македонија, со тоа што сакам да мешам и вклучам повеќе уметности во едно.
*Откако завршивте средно кај нас, заминавте на студии во Словенија, повредата на ногата ве спречи да продолжите на факултетот, но она што е интересно, додека кај нас докторите ви давале песимисички прогнози, вие со вашата верба, упорност и вежбање, се вративте во форма и размислувате да продолжите со студии и со балетот. Ќе се остварат ли овие ваши планови во блиска иднина?
-Моментално сум посветена на тоа да ја средам повредата што побрзо и да се фокусирам да работам на сама себе што можам повеќе, а времето ќе покаже што ќе правам понатаму.
*Што друго планирате?
-Во план ми е да работам нови проекти каде што ќе соработувам со други млади уметици, но сето тоа нека остане засега тајна.
*Што ве влече повеќе класичен или модерен балет, што надвладува?
-Ги сакам и двете не би можела да одебрам едно. Сосема се различни, ама и во двете се пронаоѓам и ме исполнуваат како играч.
*Како се чувствува млада балерина во ова наша средина? Имаме ли ние, како народ, добар прием на уметноста ?
-За да се успее најчесто морате сѐ сам да направите. За жал кај нас уметноста не се вреднува толку многу во споредба со други држави и не се поддржуваат младите таленти. Но нашата публиката сака уметност и има посетеност на претстави и е желна за нови лица и нови правци во уметноста. Поддршката од публиката е секогаш инспирација за сите уметници.
*Имате свој идол од балетската уметност?
-Од светски рамки би го издвоила Кеннет МекМилан од кореографска страна и балерината Силви Гилем. Но морам да кажам дека има и кај нас балерини од македонската опера и балет кои исто така ми даваат поттик и инспирација. Би ја одвоила Саша Евтимова која е многу заслужна за мојата љубов кон модерниот танц и кореографијата и има голем удел за тоа како се развивав како играч.
*Ла Ла Ленд” ја видовме во неколку наврати, а следуваат и нови изведби. Каде би сакале да ја изведете во иднина, на која сцена?
-Би сакала да биде на што повеќе сцени изведена, но најголема желба би ми била претставата да биде на “Охридско лето” и да се изведува на Антички театар под отворено небо.
*Зошто балет?
-Бидејќи ми е начин на живот. Ме исполнува најмногу што може, исполнет со многу труд и работа, многу емоции и пожртвуваност ама исто така ми е најголемата љубов на светот и една од најубавите уметности. Мое мислење е дека секое дете треба да посетува часови по балет за време на неговиот развој од каде што може да добие многу придобивки, а најважно од сѐ љубов и почит кон уметноста. Последните три години научив не само јас, мислам дека зборувам за сите танчари, дека животот е многу непревидлив и дека не може да знаеме што ќе се случи утре, затоа би кажала каде и да сум и што да и постигнам, се надевам ќе играм и ќе бидам опкружена со многу танц.
*Млада сте со многу амбиции. За крај- Вашиот сон, до каде допира?
-Последната година од моето средно образование професорката Маја Митровска- Богојеска ми даде шанса да создадам кратко кореографско парче со кое настапивме јас и Бојан Димовски на крајниот матурски концерт. Посветено за композиторот Дијана Имери- Илкоска и инспирирано од нејзината композиција “Roots”- (Корени) во изведба на Дино Имери (пијано) и Бојан Илкоски (виолина). Се надевам и во иднина ќе ги реализирам моите замисли и идеи.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.