Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Обичаи за Цветници: Младите невести во нова промена, заедно со сфекрвите си, ќа си поет в цркоф на причесна

Охрид, 28. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го празнуваат Цветници – празникот на последното влегување на Исус во Ерусалим.

Во петроградското списание „Живаја старина“ во 1889 година објавени се повеќе обичаи и песни од Галичник запишани од Панајот Ѓиноски меѓу кои и такви што се изведувале на Цветници. „Цветници ја наречуваме Цветоносна недела, т.е. неделата што е пред Велигден. Утрината рано помладите невести ќе се променат во нова промена до тога необлечена, ќе си клает нов сокај и преврзок на глава или на чело и дарпна врзана и заедно со сфекрвите си, ќа си поет в цркоф на причесна. Напред требит да се причестит дете 3-5 годишно, пак по него невестата. Ако немат свое дете куќно ќе земет од некоја роднина, а без дете не се причестуват невестата, така гледает. В црков раздавает цвеќа (над кое пејана молитва) на сите, зато се таја недеља наречуват цветна.“

И во Скопско на Цветници се одело во црква од каде секој земал китка цвеќе, ја ставал во појас и ја носел цел ден. Во селата на Скопска Црна Гора тој ден се раздавал здравец, а по службата во црквата жените служеле баница, погача, ракија и слично.

Во гостиварското село Вруток на празникот Цветници се одело на цвеќе. „Напред по цвеќе одевме на Цветници во местото што се викат Бука. Таму беревме каќунки, петопрс, здравец и други цветќа. После се враќавме назад и се допиравме ке чешмата на Ласко-Равен. Туе ќе си ручавме посно јадење: риба, маслинки и друго. Нестите и дејките ќе го китеа зравецот и другото цвеќе. После ќе пеевме, оро ќе тргаа нестите и ќе си пеа, а мие машките-ергените и младоженците гледавме како играат. И мие машките игравме само ко имаше тʼпан.“ (Крај)

извор: Марко Китевски фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука