Македонија
Силјановска: Како никој не се сети да им каже во ЕУ дека самите во член 4 гарантираат немешање во внатрешните работи и почитување на уставните структури
Како може некому да ветите дека ќе го смените Уставот, кога Уставот може да го сменат само пратениците во Уставот. Како знаете, дека вие можете однапред да ветите нешто што не е ваша надлежност?, му порача кандидатката за претседателка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова на нејзиниот опонент Стево Пендаровски во телевизиско соочување вечерва.
„Деновиве Макрон даде изјава дека ЕУ не е само територија, туку е концепција на човештвото и правото. Е, од тоа тргнувам и јас кога размилувам за ЕУ. За нејзините темелни вредности и принципи без кои таа не е политине заедница туку е само машинерија. Значи таа не е догма. Што ќе направам јас? Најпрво ќе направам регионални чекори. Штом ќе завршат изборите јас сакам да разговарам со моите соседи и заради регионалната политика и заради очекуваната поддршка од нив. Сакам да објаснам дека и кога има една преговарачка рамка не е логична заканата со вето. И дека може, дури и кога преговарачката рамка е ваква, низ интерпретација поинаква да се примени. Од типот, ако вие речете дека нема да употребувате вето за идентитески прашања, за историските дилеми и слично, протоколите, туку за Копенхагенските критериуми, јас ќе бидам сосема согласна. Значи, мислам дека е време кога ќе се смени власта, да чуе што мислиме и ние. Оти тоа е дијалогот што е нужен за добрососедски односи. Ако некој не го кажувал и ова досега, веројатно и тогаш било се во нивни раце“, рече Силјановска-Давкова.
Понатаму, како што додаде, како никој не се сетил да им каже на оние од Советот и од Европската комисија и сите останати со тоа се рушат темелните вредности на ЕУ? Бидејќи ЕУ гарантира во членот 4 почитување на уставните и политичките структури, немешање во внатрешните работи, почитување на дигнитет и интегритет, различности, неставање на билатерални спорови во рамката. Ако тоа не го кажете, вие ќе останете на прагматичните решенија.
Доаде и дека ниту еден од темелите на кои почивала програмата на Пендаровски во 2019 година не останале. Сите се урнале и ништо не е остварено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК ги соопшти местата на кои ќе се прегласува на 22 мај
Државната изборна комисија (ДИК) денеска, на 105. седница, едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1.194 и 1.202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.
ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.
Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори, за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други, и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.
Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај, 00.00 часот. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови.
Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.
Македонија
Кацарска ја чува обезбедување, денес добила закани дека „страшно ќе одговара“
Непознато лице денеска напладне во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје вербално и се заканувало на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. По инцидентот интервенирало нејзиното обезбедување.
„Полициски службеници од полициската станица Центар денеска во 14:00 часот го лишиле од слобода В.П.Г. (57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д.К.(67) од Скопје со зборовите ‘ќе одговараш, страшно ќе одговараш’. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Пред неколку дена во подземна гаража на зграда во Центар пронајдени се импровизиран кревет и кујнски нож на гражаното место на Кацарска.
Од МВР потврдуваат дека известен е јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Утре затворени неколку улици во Скопје
Утре од 08.30 до 12.30 часот, поради одржување на натпревар „Стопански триоги триатлон”, со стартно-целна позиција кај Спортскиот центар „Борис Трајковски” во дел од градот ќе има изменет режим на сообраќај, соопшти СВР Скопје.
Посебниот режим на сообраќај ќе опфати дел од уличната мрежа околу СЦ „Борис Трајковски” и дел од булеварот Илинден (десна коловозна лента), потоа на потегот од крстосницата со булевар 8 Септември до крстосницата со улицата Никола Парапунов и обратно.
Утре исто така со почеток во 09.45 часот, поради одржување на спортско-рекреативен настан „Прв до врв” ќе има посебен режим на сообраќај во делот од градот каде што ќе се реализира манифестацијата.
Настанот почнува пред Музеј на град Скопје – улица Св.Кирил и Методиј, потоа лево по булеварот Св.Климент Охридски, во продолжение право по булеварот Мајка Тереза, па лево по улицата Тодор Александров и по локалниот пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски крст”).