Заемите од ЕУ и оптоварувањето со нови долгови го намалуваат потенцијалот на Украина за брзо закрепнување од војната

На Украина ѝ треба итно репрограмирање на долгот или, пак, грантови наместо заеми. Во спротивно, со силните пари што ЕУ ги вшприцува во Украина, без некој соодветен план и ред, експертите истакнуваат дека Унијата ја води Украина во тешка должничка криза! На Украина ѝ треба отпис на долгот. За жал, истакнуваат познавачите, ЕУ само сака Украина да продолжи да се задолжува!

На економски опустошената Украина ѝ требаат договори за задолжувањата од ЕУ за да си го обезбеди претстојниот мир

Како што тече и времето, а и војната во Украина, на дневен ред, од заднина, полека, но сигурно на агендата за иднината на Украина извираат длабоки и суштински економски прашања, кои, според низа релевантни економски експерти, би имале „разорувачки ефект на украинската економија долгорочно“, доколку истите тие не се решаваат тековно, сега и веднаш. Сѐ повеќе се зголемува притисокот врз економијата на Украина, а се открива и се расплеткува „вистинското влијание на финансиската поддршка на Европа“, односно несоодветноста на формите, облиците и начините на „европските финансиски инјекции“.
И ако Киев сака да има реални шанси за повоено закрепнување, експертите издвојуваат дека треба веќе „да се форматира еден фер договор на релацијата Украина – ЕУ, што треба да вклучи значително реструктурирање на долгот на Украина и на трансферот на десетици милијарди евра“.
Според економските експерти, Украина има насушна потреба од договор за реструктурирање на долгот, токму за да го добие и обезбеди одржливиот развој на земјата, во моментот кога ќе настапи мирот (или значајната деескалација). Таквите договори ѝ требаат на Украина многу повеќе, од постојаното носење и „трупања оружја на нејзината територија“…

Многу пари, но и многу главоболки

Европските лидери постојано ги истакнуваат своите 18 милијарди евра заеми за Украина во 2023 година. Притоа, тие истакнуваат дека вшприцувањето на овие средства во украинската економија е алатка за „задржување на макрофинансиската стабилност на земјата“. За претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, таквата помош покажува дека Брисел е „многу посветен да ја поддржи Украина колку што се може“. Но економските експерти, анализирајќи го ова подолгорочно, имаат сосема спротивно мислење: дека ЕУ ја води Украина во тешка должничка криза!
Имено, со стапка на инфлација од 26 отсто, каматни стапки од 25 отсто и пад од една третина на бруто-домашниот производ (БДП) во 2022 година, Украина ги мина границите на одржлива, конвенционална економска политика. Според експертите, наскоро, Киев ќе мора да прибегне кон „печатење пари за финансирање на секојдневните јавни услуги“, а тоа ќе доведе до економска катастрофа.
Украина веќе ги одложи плаќањата до 2024 година на до 20 милијарди евра од нејзиниот долг што го имаат меѓународните инвеститори. И додека приближните шест милијарди евра што земјата ги заштеди преку овој зафат на репрограмирање и одложување беа важни, тие се бледи во споредба со очекуваниот буџетски недостиг од околу 40 милијарди евра само во 2023 година.
На Украина ѝ треба отпис на долгот! За жал, истакнуваат познавачите, ЕУ само сака таа да продолжи да се задолжува!
Заемите од ЕУ во вредност од 18 милијарди евра на крајот ќе треба да се вратат, почнувајќи од 2033 година, а оптоварувањето на повеќе долгови – дури и долгорочни, практично нула камати – го намалуваат потенцијалот на Украина за брзо закрепнување од војната. Тоа е исто така бесмислен економски пристап, имајќи предвид дека Киев веќе го суспендираше плаќањето на некои од своите постојни обврски.

Кој го пропишува рецептот за идна украинска должничка криза?

Генерално, стратегијата на ЕУ е едноставно рецепт за идна украинска должничка криза.
Забележително, и покрај сите напади во Европа за „Маршаловиот план за Украина“, Соединетите Американски Држави – а не ЕУ – се тие што правилно научија од својата економска историја. САД веќе обезбедија над 13 милијарди долари неповратни грантови за Украина, а дополнителни 14,5 милијарди долари доспеваат во 2023 година.
Колку и да е непријатно, Брисел – и Берлин – многу добро знаат дека такво беше олеснувањето на долгот доделен на Германија во доцните 1940-ти, кој ги постави темелите за повоеното економско чудо на Европа: враќање на економскиот раст, кој на крајот доведе до создавање просперитетна Европска економска заедница во 1957 година. Ова „внатрешно јадро“ на првичниот Маршалов план ги отпиша долговите на Германија по 1933 година и ѝ овозможи на Западна Германија да започне со сооднос долг кон БДП под 20 проценти, по Лондонскиот договор за долг од 1953 година. Првично дизајниран како привремен аранжман, тој беше зацврстен по повторното обединување на Германија во 1990 година.
Во тоа време беше разбрано дека воената економска криза бара прагматичен и флексибилен политички одговор – исто како и сега.
За жал, одговорот на ЕУ за финансирањето на Украина беше сè само не историски.
ЕУ дозволи нејзините внатрешни поделби во економската политика – кои беа иронично искристализирани со германското обединување и создавањето на еврото – да ги поткопа нејзините стратегиски цели во Украина. И додека таа продолжува да биде опседната од духовите на Грција, а опседната и од Унгарија, Европскиот совет веројатно нема да одобри значаен пакет за грант-помош и за намалување на долгот за Украина. Како резултат на тоа, долгорочната финансиска одржливост на земјата останува компромитирана од дисонанцата на ЕУ при донесувањето одлуки.
Во овој контекст, одделни земји-членки на ЕУ треба да го преземат водството во обезбедувањето билатерална грант-помош за Украина. Иако Европската комисија (ЕК) е желна да се стави на чело на сите напори за помош на ЕУ, ова е случај на „аспиративно лидерство наместо вистинска забележлива ефективност“, особено со оглед на доцнењата – и расправиите на земјите-членки – во распределбата на постојната поддршка.
Директната билатерална грант-помош за Украина треба да биде изземена од самонаметнатите буџетски ограничувања на еврозоната. И неискористената помош на ЕУ во земјите-членки – почнувајќи од заедничката земјоделска политика до Кохезиониот фонд – треба да се дозволи да биде испратена како неповратна финансиска поддршка за Украина, доколку секоја членка го сака тоа.
Земајќи ги предвид нејзината историја и економски размери, Германија е таа што треба да го преземе водството. И ако Берлин не може да ги надмине своите сегашни фобии, треба – во најмала рака – да им олесни другите земји-членки на ЕУ што сакаат да го следат т.н. американски пристап.
Според мислењата на експертите, „ќе дојде време политичките и економските реформи толку сакани од Брисел да бидат проактивно поврзани со идната финансиска поддршка за Украина – но сега не е моментот“!
И ЕУ и Германија треба да ја признаат сопствената економска историја или, доколку тоа не се случи, да се тргнат настрана. Според економистите, реално може да се случи, една од најголемите трагедии на оваа војна да заврши и со „тешко разочарување на Украина од Европа“.

Подготвил: Mарјан Велевски