Регион

Грција и Кипар и ова лето ќе се поврзат бродски, лани со траектот патувале над 7.000 патници

Грција и Кипар и ова лето ќе се поврзат бродски, лани со траектот патувале над 7.000 патници

Трета година по ред, за време на летниот период ќе функционира бродската линија што ќе ги поврзе Грција и Кипар, патување со траект што трае 31 час, а лани, во периодот од крајот на мај до септември линијата ја искористиле над 7.000 патници, јави дописничката на МИА од Атина.

Заменик-министерката за поморство на Кипар Марина Хаѕиманоли на денешната прес-конференција соопшти дека во ланскиот период со траектот патувале 7.407 патници и 455 домашни миленици, а биле превезени 2.496 возила.

– Од овие бројки произлегува дека морската патничка поврзаност ја постигна својата цел, создавајќи нов сегмент на туристичкиот пазар за оние патници кои сакаат да патуваат од и кон Кипар и остатокот од континентална Европа со нивните приватни автомобили и мотори, нудејќи алтернативен начин на превоз, кој над две децении не постоеше, истакна министерката.

Бродот ќе биде истиот што сообраќаше и во изминатите две години, плови под кипарско знаме, патувањето трае 31 час, од Кипар ќе тргнува од пристаништето во Лимасол, а крајната дестинација е атинското пристаниште Пиреас.

Првиот траект ќе тргне на 29 мај од Лимасол, а последниот, на крајот од сезоната ќе тргне од Пиреас на 3 септември.

На средината на јуни 2022 година, по пауза од над 20 години одново беше воведена редовна бродска линија меѓу Грција и Кипар.

Најнови вести од Регион

To top