Победата на ВМРО ДПМНЕ на двојните избори се славеше и на плоштадот Слобода во Штип

Победата на Силјановска-Давкова и ВМРО ДПМНЕ на двојните избори се прослави и на плоштадот Слобода во Штип. Голем број членови, симпатизери и граѓани вчеравечер се собраа и славеа до доцните вечерни часови.

Претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип, Душко Иванов, посочи дека граѓаните покажаа одговорност, а со тоа поставија одговорност и на новата Власт да работи чесно и одговорно.

„Граѓаните на Република Македонија покажаа одговорност, покажаа гордост, ја презедоа Македонија во своите раце, ја вратија Македонија во своите раце, огромна е честа, ама огромна е и одговорноста со формирањето на новата Влада. ВМРО ДПМНЕ и коалицијата За твоја Македонија ќе работат одговорно, чесно“ – вели Иванов.

Народот го крена гласот и треба да се генерира развој во нашиот град, истакна градоначалникот Јорданов. Посочи дека со победата на ВМРО ДПМНЕ Штип ќе продолжи да се развива во сите области со цел да се подобри начинот и стандардот на живот на граѓаните.

„Сите проекти кои се ветени во програмата да се реализираат и со тоа да ја вратиме надежта која е изгубена. Јас верувам и се надевам и поскаувам Штип да добие вистински развој со поддршка на централната власт конечно да се заврши изградбата на Клиничка болница, да се реализираат проектите кои се од суштинско значење за развој на нашиот град, да се зголемат инвестициите на УГД, да се зголемат инвестициите во технолошко индустриската зона, да се зголемат инвестициите кои Општина Штип ќе ги реализира заедно со централната Власт, а тоа е обиколницата, булеварот Партизанка и слично.“ – вели Јорданов.

Јорданов во оваа приклика посочи дека ќе престанат опструкциите од Централната власт, ќе има поголема соработа, а тоа ќе биде за доброто на граѓаните, за развојот на Штип.

Лаура Стојанова М-Нет