Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и актуелен шеф на државата Стево Пендаровски ги негира обвинувањата на опозицијата дека ќе го бојкотира вториот круг од претседателските избори.

Како што рече, доколку планирал на бојкотира, не би дошол во Крушево каде што попладнево ја продолжи својата кампања.

На средбата со крушевчани тој порача дека борбата ќе ја продолжи од нула, како да немало прв круг од изборите.

Крушево беше една од двете општини, заедно со Маврово и Ростуша, каде што Пендаровски водеше во првиот круг пред другите кандидати.

„Дали е логично да дојдам јас во Крушево, ако мислам да бојкотирам? Јас мислам со сите вас да победам! Кој сака нека бојкотира, ниту сум бојкотирал 2014-та, ни 2019-та, ни 2016-та, ни оваа 2024-та нема да бојкотирам“, рече Пендаровски.

На противниците од ВМРО-ДПМНЕ им порача дека тие треба да му ја мислат за крајниот резултат од изборите оти „ние сите го знаеме и наместо бојкот ние ќе прославуваме“.