Денеска е Светскиот ден на уметноста

Денеска се одбележува Светскиот ден на уметноста – 15 април, инаку роденден на Леонардо да Винчи, кој повеќе години се празнува и во нашата земја. Годинава МКЦ и ИКОН се одлучија празникот да му го посветат на Денис Боувен (1921-2006), британски уметник и македонски културен амбасадор. Тој пишуваше за македонската ликовна сцена во Лондон, но и неуморно работеше на собирање уметнички дела од британски автори. Зад колекцијата на слики, цртежи, скулптури и графики од британски уметници во МСУ стои името на Денис Боувен.
Изложбата ќе биде отворена вечерва, во 19 часот, во изложбениот салон на Младинскиот културен центар, а ќе ја отвори Марија Коробар, програмска раководителка на ИКОН.
– Денис Боувен со својата оригиналност и непосредност, со извонредното чувство за перцепција, уште во годините по Втората светска војна се ослободува од влијанијата на традицијата. Тој прави голем исчекор градејќи модерен начин на изразување определувајќи се за апстрактната уметност. Впрочем, 20 век го смета за столетие на технолошки напредок, кој влијае и во неговото сликарство преку употребата на нестандардни материјали и форми. За својата уметност велеше дека е експлозија од бои сликани со нестандардни материјали – велат организаторите.
Боувен беше чест гостин на ликовните колонии во Струмица, Кичево, Крива Паланка, Охрид и зад себе остави стотици дела што сега се во јавни и во приватни колекции. Град Скопје за неговата работа му ја додели наградата „13 Ноември“ во 2003 година, која не треба да се сфати само како награда за придонесот што тој го има направено за нашиот град туку и како македонска награда што му се доделува за пријателството со ликовните уметници, критичарите, поетите, но и со обичните луѓе од Македонија.
Денис Боувен е роден во 1921 година во Кимберли, Јужна Африка. Студирал сликарство на „Ројал колеџ оф арт“, а по 1940 година предавал во повеќе уметнички школи во Британија. Изложувал на големи национални и интернационални изложби и соработувал со уметнички списанија во Британија и во странство. Во 1954 година бил избран за член на Кралската академија на Камбрија. Во 1952 година, заедно со други уметници членови на Институтот за современа уметност, Боувен ја основа Групата на слободни сликари и скулптори. Секогаш во центарот на новите идеи и техники, незадоволен од ограничувањата што ги наметнувале постојните галерии, Боувен и неговите колеги во 1954 година ја отвораат галеријата „Њу вижн сенр“. Тоа е прва галерија посветена на апстрактната уметност. Во 1984 година, заедно со уметниците Џон Белани и Дерек Кули, Боувен ја основа „Келтик вижн“, претставувајќи ги современите уметници од Келтскиот Регион на Ирска, Шкотска, Велс, Корнвол, Британија и Галиција во северозападна Шпанија. Во 1997 година Боувен изложува во галеријата „Даорама арт“ во Лондон заедно со Нино Спалоне, Пиндарос Михеладес и Стефан Корт, во чест на „Космополис – Артист оф д скул оф Лондон“. Изложбата е поставена во 1964 година во галеријата „Витворт“ во Манчестер. Впрочем, негови дела се наоѓаат во голем број јавни и приватни колекции во светот.
– Денис Боувен ги истражуваше другите култури поради своето убедување дека постои заедничка основа за човечкото искуство Градеше врски и пријателства со уметници од земјите од Третиот Свет, од Африка до Средниот Исток, од Европа до Далечниот Исток. Уметниците можат значајно да ги збогатат естетските дебати само ако се почитуваат ставовите на другите култури – напиша, меѓу другото, историчарката на уметноста Стела Сантакатерина во каталогот за изложбата „Денис Боувен 1921-2006, Уметноста како универзална димензија“, одржана во галеријата на Тутунска банка во Скопје во 2011 година.
Изложбата ќе трае до 30 април.
Светскиот ден на уметноста исто така ќе биде одбележан денеска, од 18.30 до 21.30 часот на улицата Македонија, со настанот „Центарски улици 2“, во организација на „Театроск“.
– Уметноста е забележан момент. Смрзната слика што мигот го отсликува, поставен како растојание меѓу двете најкратки точки на еден нечуен здив. Задачата на уличните артисти е да го отсликаат на духовит начин она што најмногу го допира општеството: човековата смеа и бес, мудрост и глупост, зрелост и лудост, емпатичност и суета, моќ и немоќ, љубов и омраза. Низ уличната уметност, уличните живи статуи, а и не само низ неа и не само тие, и преостанатите улични забавувачи се трудат колку што можат повеќе да му помогнат секому. Насмејте се, поубаво во стои – изјавуваат од „Театроск“
На улицата Македонија во центарот на Скопје по повод Светскиот ден на уметноста ќе се постават неколку акта на улични живи статуи, кои ќе ја раскажат својата улична приказна, отсликана само во една смрзната слика. Музички настап ќе има „Емил Ејупи квартет“. Дизајнот на плакатот е на Златко Митревски.
Настанот е дел од програмата за култура на Општина Центар.
Денеска се одбележува Светскиот ден на уметноста – 15 април, кој светот првпат почна да го одбележува во 2012 година. Во секоја земја на овој ден се организираат фестивали, изложби, трибини и забави и се нагласува улогата на уметноста во постигнувањето мир и слобода. Во 2014 година денот се одбележал во 21 земја во светот, а во 2015 година за првпат и во Македонија. В.Д.