Вучиќ и Џинпинг со силна порака од Белград: „Заедничко челично пријателство“ меѓу Кина и Србија

by Fokus

Со државни и воени почести денеска во Србија беше пречекан кинескиот претседател Си Џинпинг. Церемонијата се одржа во Палатата Србија, каде беа интонирани химните на двете земји.

Двајцата претседатели Вучиќ и Џинпинг имаа тет а тет средба, по што потпишаа Заедничка изјава на двете земји за продлабочување и подигање на сеопфатното стратешко партнерство. Главната порака која ја испратија двајцата претседатели е „Заедничко челично пријателство“ меѓу Кина и Србија.

Вучиќ рече дека денес се пишува историја и дека за неколку години сите ќе се сеќаваат на овој ден.

„Како што имаме јасни ставови за кинескиот интегритет, дека Тајван е Кина, така и тие ја поддржуваат територијата на Србија без никаква резерва. Беа со нас во најтешките моменти, беа со нас и пред 25 години кога оваа земја беше рушена и бомбардирана, заедно со нас платија висока цена, и изгубија луѓе на денешен ден“, нагласи српскиот претседател.

Тој рече и дека добил гаранции од Џинпинг дека Србија ќе има цврста поддршка од Кина во Обединетите нации.

– Претседателот Си вели дека среќата не паѓа од ведро небо. Работевме навистина напорно за да ја развиеме нашата врска. Кина е нашиот најголем инвеститор, извозот ни се зголеми за 140 пати во последните десет години, нашата трговска размена се зголеми за осум пати. Потпишавме заедничка изјава, таа изјава е стратешки важна насока. Од стратешки односи преминуваме во заедница која зборува за заедничка иднина – рече Вучиќ.

Кинескиот претседател рече дека е трогнат од собирот на српскиот народ.

„Длабоко сум импресиониран од средбата и собирот со српскиот народ, го почувствував силното пријателство на српскиот народ со Кинезите. Тоа ме натера уште повеќе да се уверам во нашето пријателство. Србија се придржува до меѓународната правда и фер пристап и заслужува меѓународна почит.

Со текот на годините, на бројните состаноци што ги имавме претседателот и јас, разговаравме за позиции од стратешко значење за нашата соработка и партнерство. Нашите односи се проширија во обем. Тие станаа вистински пример за односите меѓу Кина и некои европски земји“ изјави Џинпинг.

Ова е втора посета на Џинпинг на Белград изминатите осум години, а по пристигнувањето во Белград тој изрази уверување дека посетата „ќе биде плодна и ќе отвори ново поглавје во односите меѓу двете земји“.

Поврзани новости