Спасе Антевски има нов хит – „Мајко мила“, за сите оние кои се далеку од своите мајки

102

Печалбарска „химна“ во најава!

Македонската фолк-ѕвезда Спасе Антевски, откако постигна успех и на српскиот музички пазар и голем успех со настапите во ТВ-шоуто „Ѕвездите на Гранд“, сепак се врати дома. Ги остави обожавателите од северниот сосед “на пауза“, за некои други подобри времиња. Тој си знае како му е најдобро, па дефинитивно се сврте кон македонските обожаватели.

По големиот успех со македонската песна „Шербет млада невесто“, овој атрактивен црномурест фолк-пејач, сега сите ги израдува со новата песна која веќе подолго време се врти по радио и ТВ-станиците, насекаде, од Гевгелија до Табановце.

Станува збор за печалбарската песна, насловена како „Мајко мила“, посветена на сите оние кои се далеку од родната грутка, од родниот дом. Далеку од својата мила мајчица! Велат, дека песната би можела да стане на некој начин и печалбарска „химна“! Останува да видиме.

Емотивниот текст е дело на познатиот текстописец Орце Зафировски, музиката ја напиша Борче Димитров, а аранжманот Љупчо Павловски.                                          Сè е снимено, професионално, како што доликува на овој тим професионалци, во студиото “Анастасија“.

Самиот Спасе песната ја испеа моќно, со што придонесе песната да стане хит, да се слуша подеднакво и кај нашите низ светот, во македонската дијаспора.   Д.М.