Неплаќањето и кражбите на струја немаат етнички карактер – сите потрошувачи имаат ист третман, вели Сашо Салтировски, менаџер на ЕВН електродистрибуција

„До крајот на декември годинава сите достапни броила ќе бидат сетирани на дневна евтина тарифа. Екипите работат на терен со голем интензитет. За да ја обезбедиме оваа услуга, но и да ги намалиме загубите, во изминатите 15-тина години постојано работимена спроведување на проектите за модернизација и реконструкција на мрежатана целата територија на Македонија меѓу кои и во Слупчане. Иако имаше одредени недоразбирања, по конструктивните разговори со жителите, активностите на терен започнаа и ќе продолжат во следниот период“, вели Сашо Салтировски, менаџер на ЕВН електродистрибуција, во интервју за „Макфакс“.

Реконструкцијата и модернизацијата на мрежата, посочува, е важна од повеќе аспекти, а особено и во контекст на обезбедување на технички предуслови за воведување на евтина тарифа на секое броило.

„Во тек е проектот за модернизација и реконструкција на мрежата во Слупчане што беше договорено на заедничкиот состанок со жителите на Слупчане и претставниците на институциите и невладиниот сектор. Предност при реализацијата на проектот за модернизација на дистрибутивната мрежа ќе им се даде на критичните точки во селото каде што се повторуваат дефекти, со што ќе се подигне квалитетот на услугата и ќе се намалат дефектите“, уверува Салтировски.

Мерењето и фактурирањето на електричната енергија, посочува, ќе се одвива согласно законски пропишаните правила кои важат за сите корисниците, а ќе се имплементира проект со поставување на смарт броила, што е тренд во целата Европска Унија, и истите ќе се постават на пристапни места. На овој начин, додава, жителите ќе добијат дополнителен увид во фактурите за електрична енергија на месечно ниво.

„Постоечкиот долг ќе се регулира на законски начин, којшто ЕВН им го нуди на сите свои потрошувачи кои имаат заостанат долг. Kако и за сите потрошувачи, компанијата овозможува плаќање на долгот на рати, со што корисниците успеваат да ги расчистат старите долгови и тековните фактури во исто време, но притоа како услов мора редовно да ги плаќаат новите сметки“, вели менаџерот на ЕВН електродистрибуција во интервјуто.

Тој потенцира дека неоправдано е на кражбите на електрична енергија и на неплаќањето на сметките да им се дава етнички предзнак.

„Во суштина, вистинските причини за ваквите појави се исклучиво од социјално-економски карактер. Еве на пример: во Тетово, Кичево и Струга има пониски загуби на електрична енергија отколку во Прилеп. Тетово е еден од регионите со најниски загуби, споредено со другите поголеми градови. Општина Липково исто така е една од општините со пониски загуби и е прва општина во Македонија која што е скоро целосно покриена со паметни броила. Во изминативе десетина години овие проекти непречено се реализирани во сите населени места во општината“, објаснува Салтировски.

Целото интервју е достапно на следниот ЛИНК.

- Реклама -