Викендов во изложбениот салон и заедница на македонски дизајнери и занаетчии „Лаб дизајн маркет“ се одржа промоција на новите дизајнери што ќе се приклучат на досегашната понуда на маркетот. Покрај ова, дизајнерката Евгенија Зафировска ја отвори својата архива на досегашни примероци од минатите колекции и ќе ги понуди на продажба по достапни цени.
„Лаб дизајн маркет“ е изложбен салон што се наоѓа на булеварот Св. Климент Охридски, во центарот „Лабораториум“, сместен во индустриската хала на печатницата „Нова Македонија“. Маркетот засега нуди приказ во една нова современа форма на традиционалните македонски занаети и за првпат ги поврзува занаетчиите и дизајнерите во систем што ќе им помогне на занаетчиите во брендингот, дистрибуцијата и промоцијата, а на дизајнерите ќе им понуди изработувачи.
На настанот им беше посакано добредојде на новите дизајнери во оваа заедница, а на посетителите им беа прикажани нови брендови чии колекции се целосно рачно изработени.