Радовиш слави над Македонија ЃП, „лавовите“ пружија силен отпор во СРЦ „25-Мај“

ФОТО: Телевизија М Нет

Синоќа во Спортската сала „25-Мај“ во Радовиш се комплетираше 4. коло од плеј-офот од Првата лига, откако ракометарите на ланскиот суперлигаш Радовиш со 30:26 славеа над Македонија ЃП, во меч каде „лавовите“ пружија силен отпор.

Радовишани по двата порази од директните конкуренти Бисинов и Младост се вратија на победите, но синоќа Радовиш доби силен отпор од Македонија ЃП, која во текот на целиот меч парираше одлично, а на полувреме резултатот беше 13:11 за домашниот тим.

Радовиш отвори одлично, а пак „лавовите“ имаа слаба реализација, но потоа направија мини серија и стигнаа до гол негатива при 9:8, а на полувреме резултатот беше 13:11.

Во вториот дел Радовиш направи серија од 3:0 за 20:16 и предноста од три до четири гола ја одржуваше до крајот на мечот кога конечниот исход беше 30:26.

Кај Радовиш со по седум погодоци најдобри беа Здравко Постолов и Зоран Стојановски, додека кај гостинот најмногу се истакна Никола Иванов со осум гола.

Радовиш го дели четвротот место со Драчево со по осум бодови, а пак Макадонија ЃП е на претпоследното место со три бодови.

Лидер е Бисинов со максимални 15 бодови, Младост е втор со 12 бодови, Металург е трет со 10 бодови.

Во следното коло Радовиш ќе гостува кај Јехона, Македонија ЃП ќе игра со Драчево, Шампион со Младост, а пак дербито ќе се игра во Велес меѓу непоразениот лидер Бисинов и третопласираниот Металург.

Александар Ванев, М-Нет