СДСМ: Не смееме да дозволиме да се повтори 27 април


СДСМ преку партиско соопштение денеска потсети на немилите настани од 27 април  2017 година кога се случи познатиот упад во Собранието на Македонија (познат и како „Крвавиот четврток“). Тогаш околу 300 лица од здружението „За заедничка Македонија“ упаднаа во Собранието со цел да го спречат изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието.

„27 април е крвав потсетник на режимот на ДПМНЕ кој не смееме да дозволиме да се повтори“, посочува во соопштението СДСМ, додавајќи дека  станува збор за „најцрниот датум во историјата на македонската демократија„ и дека „27 април е крвав потсетник на режимот на ДПМНЕ“.

„Сеќавањата на крвавите лица на пратениците, нападнати со шипки и столици, влечењето за коса, дивеењето на насилниците, кои кршеа и уништуваа се пред себе во храмот на демократијата, се свежи и по седум години“, се вели во соопштението. 

Според СДСМ, насилниците имале поддршка и од Христијан Мицкоски, кој тој ден беше пред македонското собрание.

„Наместо извинување и осуда, Мицкоски стои во одбрана на осудените насилници за крвавиот четврток“, велат до СДСМ, при што се додава дека „СДСМ, заедно со граѓаните нема да дозволи да се заборави 27 април, нема да дозволи никогаш да се повтори“.