„Ова е заедничка победа и оваа победа само докажува дека фронтот за Европа претставува една голема локомотива за европската иднина на нашта држава“, рече претседателскиот кандидат на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ
Претседателскиот кандидат на коалицијата „Европски фронт“, Бујар Османи, вечерва од седиштето на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во Мала Речица прогласи „длабока победа на фронтот наспроти албанската опозиција“ со над 40 илјади гласа разлика во речиси сите општини во државата.
„Ова е заедничка победа и оваа победа само докажува дека фронтот за Европа претставува една голема локомотива за европската иднина на нашта држава“,
рече Османи на прес-конференцијата во седиштето на ДУИ во Речица.
Тој им се заблагодари за поддршката на сите партии кои се дел од „Европскиот фронт“.
„Во име на фронтот сакам да кажам дека денешниот глас е аманет за нас и ќе биде одлука за идните политики на оваа држава. Денеска Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите докажаа дека тие самите одлучуваат за својата судбина и нема никогаш да дозволат некој друг да одлучува за нив“,
рече Османи.
Во оваа насока претседателскиот кандидат на „Европскиот фронт“ рече дека волјата на граѓаните денеска е јасна и треба да се почитува од сите. Оцени дека граѓаните сè уште не излегле целосно од етничката бариера помеѓу Македонците и другите етнички заедници што, како што рече, зборува сè уште за едно поделено општество,
„Но, да се надеваме, чекајќи ги резултатите дека, сепак, граѓаните ја дале пораката на заедништво коешто фронтот за Европа ја лансираше за С Македонија – држава за еднакви можности, хармонија, соживот и иднина во Европската Унија“,
додаде Османи.
Според последните ажурирани податоци на ДИК, со обработени 78,56 отсто од гласачките места, Бујар Османи има освоено 99 850 гласа. Кандидатот на коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците, Арбен Таравари, пак, освоил 70 830 гласови.