Украинскиот министер поднесе оставка

од Симе Стоиков

Украинскиот министер за земјоделство Микола Солски денеска поднесе оставка бидејќи се соочува со кривична пријава за вмешаност во незаконско стекнување државно земјиште во вредност од над 7 милиони долари.

Обвинителите тврдат дека можат да го поврзат Солски со незаконски активности кои наводно се случиле помеѓу 2017 и 2021 година, пред тој да стане министер во март 2022 година, што Солски го негира.

Националното биро за борба против корупцијата соопшти дека обвинението се однесува на шема за стекнување на државно земјиште во вредност од 7,35 милиони долари и обид за стекнување земјиште во вредност од речиси 5 милиони долари, пренесува Ројтерс.

Според наводната шема, земјиштето беше незаконски одземено од две државни фирми и пренесено на воените ветерани под услов да го дадат под закуп на одредени приватни фирми, тврдат обвинителите.

Солски и неговиот адвокат на денешното рочиште изјавија дека нема корист од таквата шема, а судот утре ќе се состане за да го разгледа неговото апсење.

Доколку биде прогласен за виновен, може да се соочи со затворска казна до 12 години. Солски е првиот јавно познат министер во администрацијата на претседателот Володимир Зеленски кој е обвинет за корупција, а неговата позиција ќе биде разгледана на една од следните седници на парламентот.

Слични содржини