• петок, 10 мај 2024

Богоев: Царината под мое раководство ќе делува како ефективен сервис за македонското стопанство

Богоев: Царината под мое раководство ќе делува како ефективен сервис за македонското стопанство

Скопје, 23 ноември 2023

-Повеќе пари во Буџетот, што значи повеќе пари за болници, за училишта, за патишта, за плати, за пензии и слично. Ефективен сервис на македонското стопанство, што значи спроведување политики за олеснување на трговијата и забрзување на транспортот, со што ќе ги подобриме условите за водење бизнис, што ќе овозможи нови инвестиции и нови работни места. И трето, сузбивање на криминалот, шверцот и корупцијата со цел заштита на општеството и генерирање повисоки приходи во Буџетот. Ова се поставените цели за кои нема компромис, вели во интервју за извоз.мк директорот на Царинска управа, Стефан Богоев.

-Новото време во кое живееме и изменетите услови во кои се одвива движењето на стоки бара и трансформација на Царинската управа која ќе делува како ефективен сервис на македонското стопанство и граѓаните. Трговијата е крвотокот на македонската економија, при што илјадници работни места зависат од неа. Производителите се потпираат на увозот на интермедијарни производи и суровини, за да можат да овозможат високо квалитетни производи по конкурентни цени. Зголемување на конкурентноста на македонските компании на меѓународните пазари подразбира и побрзи и поедноставни процеси што ќе се овозможи преку модернизација на премините по светски стандарди и дигитализација на процесите. Оттаму, ефикасни услуги од Царината се повеќе од потребни, со цел овозможување економска конкурентност и европска интеграција, потенцира Богоев.

Подобрувањето на ефективноста на Царината, како што рече, е во линија со процесот на пристапување кон Европската унија, каде освен усогласување на законодавството се бара ефективност во примената на правото.

-Придобивките од овој процес ќе се почувствуваат на сите нивоа, бидејќи се клучни за генерирање повисок и одржлив економски раст. Во оваа насока сме насочени кон: целосно хармонизирање на царинската легислатива со европското законодавство; дигитална трансформација и замена на постоечките ИТ системи со нови системи кои се применуваат во ЕУ; модернизација на премините; борба со криминалот и сузбивање на сивата економија и корупцијата. Побрзо спроведување на овие процеси значи и создавање на услови за побрз влез во ЕУ. Притоа мерките за економска интеграција и подобрување на условите за инвестирање ќе бидат клучни, вели Богоев.

Тој во интервјуто најавува изградба на нови гранични премини Маркова нога и Клепало, реконструкција на граничните премини Деве Баир и Ќафасан, како и нов граничен бизнис хаб за вршење на сите процеси за царинење на едно место.

Богоев вели дека со политиките и активностите што се спроведуваат во моментов се создаваат услови за пристапување кон Царинската унија и единствениот пазар на ЕУ.

фото: Царинска управа

_______________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

Остани поврзан