ВЛЕН бара шест министри и спикер, ВМРО-ДПМНЕ молчи


Зад затворени врати и без многу информации се одвиваат разговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ за состав на идната влада. Според изјавите, тие се блиску до конечното распределување на ресорите, откако ги утврдија принципите на делување на новата Влада.Очекувањата се во првата половина на јуни да биде формирана новата влада.

Еден од лидерите на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, вчера за косовската телевизија РТК изјави дека „ВЛЕН“ ќе добие 6 министри и собраниски спикер, но подоцна ретерираше од својата изјава нагласувајќи дека тоа се само барања на „ВЛЕН“. Во изјава за телевизија Телма, Таравари рече дека рано е да се зборува за распределба на министерски места. Тој вели дека тоа се барањата на нивната коалиција.

Преговорите на работните групи течат интензивно, се финишира заедничката програма а дополнително ќе се разговара за кадровските решенија. Договор околу барањето за спикерското столче во Собранието засега нема, вели Таравари.

Со прегласувањето во среда лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се надева на уште еден пратеник во петката и како што вели ќе бидат обезбедени 62 пратеници во Собранието, а следната цел како што рече е две третини во Парламентот.

Од друга страна Ахмети ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ дека се инженерите за прегласувањето во 7 избирачки места.

-Ова е направено од двете најголеми партии од македонска националност кои за жал политички се плашиме дека ќе имаат влијание и на меѓуетничките односи кои ние не ги посакуваме, рече Ахмети.