Новоизбраната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, е активистка и поранешен член на партиска комисија на СДСМ, обвини денеска пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова, прозивајќи ја власта за партизација на судството.

„На изборот претходеше оставка на претседател на Судски совет којшто посочи на, цитирам, хајка од судско-бизнис елита. Весна Дамева и денеска по изборот мораше да ја правда фотографијата на којашто таа е фотографирана со сета партиска комисија на СДС заедно со Зоран Заев. Скандалозно е нејзиното објаснување за фотографијата, кога вели дека тоа што е сликана во партиски простории на СДС, со сите членови на партиската комисија на СДС, со Зоран Заев од СДС, дека тоа не давало впечаток за нејзина партиска припадност. Понатаму продолжува дека ’не било спорно‘ и дека ’ние како граѓани сме симпатизери, сме поддржувачи‘ на политичка опција“,рече Панова на прес-конференција.

Изборот на Дамева таа го нарече скандалозен, а за партиско-политичкиот момент таа вели дека не може да се изземе и моментот што таа воопшто како стручен соработник во Основниот кривичен суд била избрана за член на Судскиот совет на предлог на СДСМ и претседателот Стево Пендаровски.

За фотографијата која денеска на прес-конференција ја покажуваше Панова, Дамева зборуваше и на прес-конференција одговарајќи на прашање дали била член на правната комисија на СДСМ и дали тоа влијаело на она што таа е денеска.

„Кога станав член на Судскиот совет, па и денес ниту сум била член на политичка партија ниту сум извршувала партиска функција. Претпоставувам вашето прашање се должи на една фотографија што излезе во јавноста, но знаете како, фотографија на кој било од нас со одредени лица од политиката, разни лоби груби или бизнис заедницата не може да остават етикета и да стекнат впечаток дека сум припадник на политичка партија. Јас со мојата работа и како член на Судскиот совет докажав дека не сум припадник никаде, имам интегритет, стручност и знаење, тоа ми е патоказ во натамошната работа и ве уверувам дека пред мене единствено стои законот и никој друг“,рече Дамева.