Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ќе набавува монитори, камери и останата опрема за видео надзор во автобусите, со која би се идентификувале учесници во инциденти во автобусите или напади врз возачите кои се случуваат често пати.

Се работи за 60 монитори за емитување на слики од камери и 70 камери за видеонадзор, за што веќе е распишана јавна набавка, а најповолните понуди ќе се изберат по пат на електронска аукција.

За носител на набавката ќе биде избран оној економски оператор кој ќе понуди најниска цена, а чија понуда претходно е оценета како прифатлива. Со оглед на тоа дека конкретнава постапка завршува со спроведување на електронска аукција, нема да се врши бодување на понудите, туку само рангирање на понудувачите според висината на понудените цени.

Како што е наведено во тендерот, набавката ќе се врши сукцесивно за период од 12 месеци, а носителот на набавката е должен да го испорача предметот на договорот, согласно потребите на јавното претпријатие, во рок не подолг од 30 дена, од денот на нарачката.

Јавното претпријатие не презема обврска за преземање на вкупното количество.

Понудите треба да се достават најдоцна до 17 мај до 9:30 часот, кога и ќе се спроведе нивното јавно отворање.

(А.П.)