Украина бара итна седница на Советот за безбедност на ОН по руската „нуклеарна уцена”

Володимир Зеленски
Володимир Зеленски / 15 јуни 2022 / Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Украина денеска побара итна седница на Советот за безбедност на ОН со цел да се спротивстави на руската „нуклеарна уцена” откако рускиот претседател Владимир Путин најави дека Москва ќе распореди никлеарно оружје во Белорусија.

Европската Унија пак, и се закани на Белорусија со нови санкции ако тоа оружје биде распоредено, додека САД навестија дека „немаат индиции” дека Москва има намера да употреби нуклеарно оружје во Украина.

„Украина очекува од Велика Британија, Кина, САД и Франција ефикасна акција за спротивставување на нуклеарната уцена од Кремљ”, пишува во соопштението од украинското Министерство за надворешни работи.

Министерството ги повика и Г7 и ЕУ да извршат притисок врз Белорусија и да и се заканат со „големи последици” ако прифати распоредување на руско нуклеарно оружје.

НАТО, пак, ја осуди „опасната и неодговорна нуклеарна реторика”, тврдејќи дека „внимателно ја следи ситуацијата”.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел ја осуди „неодговорната ескалација и закана по европската безбедност” и предупреди дека Унијата е спремна да воведе нови санкции за Москва.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби изјави дека ништо во оваа фаза нема да ги предизвика САД да „го сменат ставот за стратешко одвраќање”.

Од друга страна, секретарот на украинскиот Совет за безбедност Олексиј Данилов оцени дека „Кремљ ја зел Белорусија како заложник” и дека руската намера претставува „чекор кон внатрешна дестабилизација на земјата” која од 1994 година ја води Александр Лукашенко.

Путин вчера најави дека Русија ќе распореди „тактичко” нуклеарно оружје во Белорусија и дека 10 авиони веќе се спремни за употреба на тоа оружје.

-Тука нема ништо необично. САД тоа го прават со децении и одамна имаат распоредено тактичко нуклеарно оружје на територија на своите сојузници, изјави Путин на руската телевизија и додаде дека планира од 3 април обука на екипажи, а до 1 јули да заврши изградбата на специјалното складиште за тактичко нуклеарно оружје на територијата на Белорусија.

САД имаат складишта за нуклеарно оружје во базите во Белгија, Германија, Италија, Холандија и Турција. „Тактичкото” нуклеарно оружје е помалку можно од „стартешкото”, но неговото дејство е подеднакво смртоносно и непредвидливо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот