еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Стојчевски: Служете и на каузата на мирот и на хуманоста

Тодор Стојчевские е добитник на Цветиновата награда за мир. Во интервју за еMагазин вели дека наградата за мир ја добил на прославата на 25 години практикување на Лајонизмот во Македонија од неговите драги колеги и хумани луѓе од Лајонс клубот „Вардар“.

Вие сте еден од малкумината добитници на Цветиновата награда за мир. За што ја добивте оваа награда?

-Секој човек во животот гради повеќе разни „куќи“. Секоја куќа ја наменува за одредена област. Пример, првата куќа ја гради за себе лично, втора куќа за семејството, трета куќа за кариерата, четврта куќа ја гради за пријателите и така натаму. Секој сам одредува колку и какви куќи ќе изгради.

Сите овие куќи неминовно се поврзани и ја сочинуваат градбата наречена Јас. Секоја градба мора да има цврсти и правилни темели за да не се урне. Секако, не секогаш сме успешни во градење на сите куќи, но важно е човек никогаш да не застане со процесот на градење. Да се обидува, да греши, да учи, да се коригира, да гради упорно и трпеливо. Јас градам многу „куќи”, а една од нив е дефинирана како Куќа на мирот и на хуманоста.

Наградата за мир ја добив на прославата на 25 години практикување на Лајонизмот во Македонија од моите драги колеги и хумани луѓе од Лајонс клубот „Вардар“. Во овој клуб, уметноста и хуманоста ги практикува и почитуваниот Живко Поповски – Цветин, кој долго време го следи мојот развој во однос на живеењето и придонесувањето за мирот и хуманоста. Лично со Цветин се познавам помалку од десетина години, но со неговото дело „Цвеќе на мирот“ се сретнав многу поодамна.

Како изгледа таа Куќа на мирот и хуманоста?

-Секако, тоа не е физичка градба, но е куќа која има длабоко врежани темели во нашите животи. Отсекогаш сум се обидувал и сум сакал во моите куќи да владее мирот. Мирот во мене, мирот во луѓето околу мене, мирот во земјата и секако, насекаде во светот. Но да сме реални, многу е тешко да се постигне онаа форма на мир за која сите копнееме.

Лично, во потрагата по мир, магистрирав на Институтот за мир и развој при Филозофскиот факултет на тема „Улогата на дневните весници во акциите за разоружување на населението“ кај професор Билјана Ванковска.

На овие студии научив многу за мирот, но и за менаџирање и за решавање на конфликтите. Како човек долго време бегав од конфликтите, како и многу луѓе околу мене. Но, со текот на времето, сфатив дека конфликтите може и да бидат позитивни, односно да дадат позитивно и подобро решение, само доколку правилно се менаџираат.

Конфликтите се процесот преку кои дознаваме дека нешто не е во ред или дека може да е подобро. Конфликтите помагаат и ја подобруваат личноста и околината. Конфликтите не дозволуваат нештата да „замирисаат на застоено“. Конфликтите може да доведат до хармонија. Но, се само доколку правилно и успешно ги менаџираме конфликтните фази. Малку е контрадикторно, но е многу реално.

Во исто време мирот има повеќе димензии и форми. Во оној миг кога ќе постигнеме мир внатре, всушност, сфаќаме дека тој секогаш бил во нас, но требало да го откриеме. Не само мирот, туку се е во нас. Откако ќе го сфатиме и прифатиме овој факт, за што се потребни многу години и правилен увид, тогаш ќе живееме согласно правилото „како внатре, така надвор“.

Доколку сакаме да има мир околу, тогаш треба да имаме мир во нас и да емитуваме сталоженост, смиреност, трпение, разум. Во мирна состојба, човек носи квалитетни и долготрајни одлуки.

Рековте дека одамна сте се сретнале со делото „Цвеќе на мирот“ на Поповски – Цветин. Се сеќавате ли на тие моменти?

-Искрено, темелот на оваа куќа го градам уште од мали нозе. Свесно или несвесно, секогаш сум го посакувал и сум тежнеел кон мир. Првиот контакт со Цвеќето на мирот го доживеав во 1997 година, кога во тогашното списание „Став“ на студиите по новинарство, на Правниот факултет, како студент напишав текст со наслов „Говорот на цвеќето“, посветен на оваа мисија на почитуваниот хуманист Цветин.

Сите имаме обврска и можност, секој во својот домен на дејствување, да говори за мирот, да ги промовира вредностите на мирот, да работи на промена на ставовите и верувањата на луѓето околу тоа што е мир и како може да се (до)живее. Можеби и така дојдов до моите докторски студии каде работам на тема „Обликување на јавноста во Југо-Источна Европа преку анализа на социјално поле“, каде работам на модел кој може да се употребува во процесот на обликување на јавноста преку комуникацијата. Меѓудругото, сакам да откријам како да создаваме мир.

Ја нарекувате Куќа на мирот и хуманоста. Зошто?

-Во миг кога еден човек ќе достигне ниво на мир во себе и тоа ќе го рефлектира околу себе, постои основа да размислува за хуманоста. Сериозно да пристапи кон делење на она што го стекнал во животот, без разлика дали зборуваме за материјални добра или за хумани дела.

Пред повеќе од 30 години стартував во Црвениот крст на Македонија, каде за добиената поддршка се „одолжував“ со хуманитарна активност. Потоа, со тек на време, сфатив дека јас сум тој кој треба и може да помага. Поминав речиси 25 години во Црвениот крст, а сега сум дел и од Ротари клубот Скопје Исток и од Лајонс клубот Вардар. Се чувствувам исполнет и целосен кога давам се од себе за да се помогне таму каде што е потребно. Секако, тоа го препознаваат хуманите и добри луѓе, како што го препозна и Живко Поповски – Цветин.

Затоа сите, без разлика на вера, нација, пол, возраст или каква било друга припадност, треба секојдневно да го бараме мирот во себе и да правиме се што е во наша моќ да создаваме предуслови за да се зачува мирот и околу нас. Да сме храбри и мудри, да градиме силна доверба и кохезија, навремено да ги отвораме конфликтите и преку нив да градиме држава и средина во која ќе има просперитет, мир, напредок и убавина. Секој нека го прави својот дел. Секој нека работи за мир, во себе и околу себе.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Четворица заразени со делта сој на коронавирусот денеска се потврдени во МАНУ, вкупно во државата има 10 случаи

Редакција

23-годишен скопјанец провалил во објект на армијата во кој се чува оружје

Редакција

ЕУ нема да воведе „ковид-пасоши“, идејата на Мицотакис не помина

Редакција