Човекот кој од утро до мрак е „главен“ на кејот на Вардар состави хуманитарен тикет

Човекот кој за себе вели дека Кејот на Вардар е негова канцеларија, атлетичарот Кокан Ајановски, со задоволство ја прифати поканата да состави хуманитарен тикет.

Ајановски, кој од 2006 година, на негова 26-годишна возраст влезе во атлетиката, е еден од најпрепознатливите македонски атлетичари кој има повеќе од 20 титули шампион на Македонија на 5.000 метри, на 10.000 метри и во полумаратон, секој ден може да се сретне на кејот на реката Вардар, зад Националната Арена „Тодор Проески“, како трча, тренира и на најмладите со насмевка и задоволство им ги открива тајните на трчањето и на атлетиката.

„Постојано велам дека Кејот на Вардар е мојата канцеларија, тука сум речиси од утро до мрак секој ден“, често знае да каже Ајановски.

КЕЈОТ Е МОЈАТА КАНЦЕЛАРИЈА

Кокан Ајановски точно пред десет дена ја промовираше неговата книга „Трчам за тебе“, која е негова втора книга. Првото негово авторско дело беше издадено во 2020 година и се вика „Трчањето ме учи“. Книгата е збир на неговите случувања во атлетиката и трчањето, на размислувањата, на успесите и неуспесите во периодот од 2008 до 2018 година.

„Уште на почетоците од мојата кариера во атлетиката и трчањето, по секој тренинг имав убава енергија и сите тие изливи на емоции почнав да ги пишувам како статуси на социјалните мрежи кои им делуваа мотивирачки да луѓето. По одреден период почнаа да ми зборуваат дека добра би била идејата да напишам книга и тогаш почнав полеката статусите да ги проширувам. Првично немав намера да пишувам книга, но луѓето сè повеќе и повеќе ми зборуваа дека треба да се обидам да напишам книга. И откако одлучив дека ќе пишувам книга, ја надополнив и со други текстови и бидна првиот мој авторски проект. Немав концепција што да пишувам, туку пишував за различни теми и поради тоа книгата не е класичен учебник за трчање. Повеќе е филозофска, инспирирачка книга“, вели Кокан Ајановски.

За многумина очекувано, по првото авторско дело, набрзо дојде и второто, тоа е книгата „Трчам за тебе“.

„Ова е своевидно продолжение на првата книга. Луѓето задоволни од прочитаното во првата книга почнаа да ми зборуваат дека сакаат и втора книга. Тогаш се појави корона-вирусот кој не затвори во нашите домови на почетокот и тогаш свесно почнав да работам на втората книга. Тоа беше во март 2020 година, а со пишување завршив 2021 година. Потоа почнав да барам спонзори да ја испечатиме и да ја објавиме книгата. Тој процес одеше многу споро, не наидов на доволна поддршка и поради тоа не брзав со објавување. ‘Трчам за тебе’ всушност е продолжение на првата книга. Пишувана е во идентичен стил со кратки раскази, текстови инспирирани од трчањето, од тренинзите, настапите и се надевам дека ќе им се допадне на луѓето“, вели Ајановски.

Првичните импресии од книгата се одлични бидејќи беше распродаден првиот тираж, поради што е испечатено и второ издание.

Кокан Ајановски релативно доцна влезе во атлетиката, на негова 26-годишна возраст, но покажа дека со тренинг, волја и верба во себе, годините не се најважни и дека може да се успее. Само две години откако почна да се натпреварува, за првпат стана шампион на Македонија, и тоа на 10.000 метри. Потоа успесите доаѓаа од година во година и Кокан Ајановски има повеќе од 20 титули шампион на Македонија во неколку дисциплини, на средни и на долги патеки.

„Кога подоцна ќе влезете во атлетиката, тешко да се вклучите и да имате успеси во спринтерските дисциплии. Ги избрав долгите патеки, се пронајдов тука, дури не ни знаев дека на 26 години ќе можам да учествувам на официјални трки и натпреварувања, ама успеав, и на 28 години првпат станав шампион на Македонија на 10.000 метри. Во 2011 година бев шампион на Македонија и на 5.000 метри, а следната година и во полумаратон. Оттогаш досега имам триумфирано повеќе од 20 пати на македонските шампионати во различни дисциплии и имам повеќе од 30 настапи на меѓународни натпреварувања како член на македонската репрезентација“.

СЕГА СИ МАНГУП И АКО СПОРТУВАШ

Првите успеси Кокан Ајановски ги имаше како член на АК Делта, во 2011 година премина во АК Работнички, а од 2014 година има свој клуб, АККА, кој веќе брои 200 активни членови. Со регистрирањето во Атлетската федерација на Македонија во 2016 година, клубот АККА се прилучи на натпреварувањата на Федерацијата.

„Во 2016 година го регистрирвме АККА во АФМ и се вклучивме во сите натпреварувања и еве веќе 10 години функционираме како клуб, а осум години и сме дел од семејството на АФМ, имаме и детска атлетика, имаме група за рекреативци, како и за активни атлетичари кои настапуваат на официјалните трки. Најмногу имаме натпреварувачи на средни и долги патеки, тоа е веројатно поради мене бидејќи јас се натпреварувам во тие дисциплини. Клубот има околу 200 членови во текот на целата година. Голем дел се рекреативци, а најголем дел од тренинзите се одржуваат на кејот на Вардар, на Националната арена ‘Тодор Проески’ во Градскиот парк“, вели Ајановски.

Освен спортскиот дел, во клубот АККА еднаш во месецот се одржува и работилница на која се зборува и за исхраната, за едукацијата, за тренинзите.

Ајановски кој секој ден е на кејот на Вардар, постојано гледа како се менува културата кај луѓето за своето тело и здравје. Од година во година има сè повеќе луѓе, и мажи и жени, кои џогираат, вежбаат и се грижат за своето тело.

„ За разлика од времето кога пред 16 години јас почнав со активното трчање и натпреварување, на прсти имаше луѓе кои исто така тука на кејот трчаа. Ако јас бев препознатлив дека трчам рано наутро пред работа, сега многу луѓе имаат дури и термини, а и во фитнес центрите сè повеќе луѓе одат да вежбаат наутро пред да одат на работа. Свесноста за одржување на своето тело и за здрав живот е покачена, не сме на нивото на развиените земји, но сигурно одиме по тој пат. Тоа е добро, луѓето сè повеќе внимаваат на своето тело, на исхраната, на здравјето, а ме радува и тоа што сè поголем број на млади лица исто така спортуваат. Ако во времето кога ние бевме тинејџери се зборуваше дека не си мангуп ако спортуваш, туку излегуваш навечер, сега таа фраза е променета и е дека си мангуп и ако спортуваш.“

Човек кој живее од спортот и за спортот, мора и кога одмора да ги следи спортските возбудувања и на ТВ-екраните.

„Редовно следам НБА, каде што омилен тим ми е ЛА лејкерс, а во последно време сè почесто знам да гледам и снукер. Можеби малку се заситив од фудбалот бидејќи го има премногу на ТВ-екраните, се пренесуваат речиси сите можни првенства, но со големо задоволство ги гледам натреварите во Лигата на шампионите, како и големите натпреварувања, а не се прескокнуваат ниту големите дерби-дуели во најсилните европски лиги“, вели Ајановски.

- Оглас -

Најнови вести