Двегодишно девојче исчезна во околината на Бор, по првпат активиран системот „Најди ме“ во Србија

На терен се припадници на полицијата, пожарникари спасувачи, членови на доброволно противпожарно здружение и на планинарската служба за спасување. Се очекува од Ниш да пристигнат и припадници на Жандармеријата со кучиња трагачи. Во потрагата во која се користат и дронови со термокамери, според РТС, учествуваат околу 2 000 луѓе

Двегодишното девојче Данка Илиќ денеска попладне исчезнало во околината на градот Бор во Источна Србија, по што во земјата по првпат е активиран системот „Најди ме“ (Amber Alert) со кој јавноста веднаш се известува за исчезнување на дете. 

Објавата за исчезнатото девојче на системот „Најди ме“ / Фото: pronadjime.mup.gov.rs

Девојчето, како што се наведува во соопштението на системот, исчезнало во приградската населба Банско Поле во околината на Бор.  

Како што јави српскиот национален сервис (РТС), на терен се припадници на полицијата, пожарникари спасувачи, членови на доброволно противпожарно здружение и на планинарската служба за спасување. Се очекува од Ниш да пристигнат и припадници на Жандармеријата со кучиња трагачи.  

Во акцијата се вкучиле и граѓани на Бор, пријатели и членови на семејството на исчезнатото девојче. 

Во потрагата во која се користат и дронови со термокамери, според РТС, учествуваат околу 2 000 луѓе. 

Според српскиот национален сервис, девојчето исчезнало околу 13 часот на непристапен терен, обраснат со густа шума.  

Системот „Најди ме“ или Ambert Alert, кој постои во повеќе земји, е наменет за итно известување на јавноста во случај на исчезнато дете.  

Тој овозможува брза дистрибуција на информации до сите граѓани, кога полицијата ќе оцени дека нивното објавување може да помогне за пронаоѓање на детето. 

Итното известување подразбира испраќање порака за исчезнувањето со сите релевантни информации, прекин на ТВ- и радиопрограми, испраќање СМС-пораки до сите граѓани, прикажување на информацијата на екрани на автопатиштата, аеродромите, железничките и автобуските станици. 

Во конкретниот случај, во соопштението на системот за исчезнатото девојче наведени се детали за нејзиниот изглед – од боја на коса, очи, висина, до податоци како била облечена во моментот кога последен пат била видена.

Претседателот на Центарот за исчезнати и злоставувани деца и иницијатор за воспоставување на овој систем во Србија, Игор Јуриќ, ги повика сите граѓани кои имаат какви било информации во врска со исчезнувањето на девојчето Данка Илиќ во околината на Бор да се обратат до надлежните органи. 

Јуриќ за Танјуг изјавил дека кога станува збор за исчезнати деца, секоја минута е многу значајна и затоа е многу важен системот „Најди ме“. 

„Важно е луѓето кои ја примиле пораката, особено оние што се во околината на Бор, да се активираат и да ги споделат сите информации со полицијата. Затоа што секоја информација е важна и може да биде спасоносна. Не двоумете се, дури и да не сте целосно сигурни, подобро е тоа да го споделите со полицијата“,

вели Јуриќ.

Според неговите сознанија, луѓето на терен се активирале многу брзо и системот „Најди ме“ бил вклучен кога биле сигурни дека тоа е потребно. 

Системот за итно известување на јавноста за исчезнати деца во Србија почна да работи на 25 октомври минатата година.  

 

Пронајдете не на следниве мрежи: