Челниците на ЕУ на првиот ден од самитот за надворешна политика и продолжување на санкциите кон Иран

Челниците на земјите-членки на Европската унија се собраа во средата во Брисел на дводневниот вонреден самит на кој ќе разговараат за актуелните надворешнополитички прашања, како и за единствениот пазар и конкурентноста на европската економија.

Самитот започнува со работна вечер на која ќе се разговара за Украина, ситуацијата на Блискиот исток и односите со Турција. Според нацрт-заклучоците, Европскиот совет остро ќе го осуди иранскиот напад врз Израел и ќе го повика Иран и оние кои се поврзани со него да „престанат со сите напади и да покажат максимална воздржаност од какви било дејствија што би можеле да ја зголемат тензијата во регионот“.

Францускиот претседател Емануел Макрон повика на воведување санкции „против секој кој помага во производството на ракети и беспилотни летала користени во нападот врз Израел“. „Ние сме за санкционирање на сите оние кои помагаат во производството на ракети и беспилотни летала користени во нападот врз Израел“, рече Макрон по пристигнувањето на самитот.

Германскиот канцелар Олаф Шолц повика на деескалација, нагласувајќи дека е добро што Израел успеа да го одбие иранскиот напад, но дека не треба да возврати со иста мерка“.

Белгискиот премиер Александар де Кро рече дека Иранската револуционерна гарда (IRCG) треба да биде ставена на списокот со санкции.

Канцеларот Шолц ги повика другите земји-членки да го следат примерот на Германија, која најави испорака на дополнителен систем за воздушна одбрана „Patriot“ на Украина.

Во нацрт-заклучоците, Европскиот совет ја нагласува потребата од итно снабдување на Украина со системи за противвоздушна одбрана и да се забрза и зајакне испораката на воена помош, вклучително и артилериска муниција и ракети.

Во четврток, на вториот ден од самитот, поранешниот италијански премиер Енрико Лета ќе го претстави својот извештај пред лидерите за иднината на единствениот европски пазар. Челниците на ЕУ му дадоа задача на Лета да го подготви тој извештај минатиот јуни.

Извештајот на Лета, односно иднината на единствениот пазар и конкурентноста на европската економија е централна тема на овој вонреден самит, но тој малку падна во сенка поради заострувањето на ситуацијата на Блискиот исток по иранскиот напад врз Израел.