Два проекта на установи за стручно образование и обука од Македонија добија грантови од Регионалниот фонд за предизвици, за програми за обука што ќе се спроведуваат заедно со македонските претпријатија.

– Во три отворени повици досега, РФП ангажирал 7,13 милиони евра за поддршка на вкупно 16 проекти за стручно образование и обука од Северна Македонија, со 85 партнерски претпријатија. Остануваме посветени на придонесот кон економски раст на земјата, со надградба на вештините и знаењата на младите за да произведеме работоспособна сила што им е потребна на компаниите – рече Мориц Реме, директор за Косово и за Северна Македонија на kfW банка.

Тој спомена некои од активностите што веќе се имплементирани во земјава, како што се обуки за ментори за учење преку работа, кои доаѓаат од партнерските претпријатија.

– Обуките беа организирани за потребите на четири проекти од Скопје, Тетово, Виница и од Богданци и нивните партнерски претпријатија. Обуките се одржаа онлајн и на самото место во Стопанската комора на Северна Македонија. Резултираа со четириесет и четворица вработени, кои се здобија со вредни знаења за менторството и практичната примена на вештини потребни за обезбедување соодветна насока, совети и повратни информации на учениците во програмите за учење преку работа – додаде Реме.

На третиот повик, пристигнаа 155 изјави на интерес од земјите на Западен Балкан, од кои 25 беа од Македонија. Комисијата за избор одлучи да ги финансира двата најуспешни проекта од Македонија, со вкупен износ од 951.905 евра. Овие средства ќе се искористат за подобрување на инфраструктурата на образовните установи и за обезбедување обука на учесниците во програмата за кооперативно образование.

Регионалниот фонд за предизвици беше создаден по иницијатива на Германската банка за развој, а средствата произлегуваат од Германското федерално министерство за економска соработка и развој (БМЗ), со кофинансирање од Владата на Швајцарија. Амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер, истакна во Македонија има потреба за усогласување на образовниот систем и потребата за работна сила во приватниот сектор.

– Тука настапува Регионалниот фонд за предизвици, работејќи како поврзувач меѓу образовните институции и потребите на приватниот сектор. Токму затоа се потребни измени во образовниот систем и образовните програми, што бара меѓусебна соработка на сите заинтересирани страни – рече Дрекслер. 

Луциен Аегертер од швајцарската амбасада рече дека се бара решение, со клучните чинители, за пресликување на моделот на Регионалниот фонд за предизвици на национално ниво и на сите нивоа на образовниот систем.

– Само на овој начин можеме да го зголемиме ограничениот број успешни приказни во одржливи промени на системско ниво низ целата земја – нагласи таа.

Главен партнер за имплементација на проектот е Коморскиот инвестициски форум за Западен Балкан 6, асоцијација на коморите на трговија од регионот, чија членка е Стопанската комора на Северна Македонија.

– Индустријата за информациски и комуникациски технологии (ИКТ) важи за една од најбрзо растечките индустрии, како и за најпросперитетна професија на денешницата. За ова зборува и фактот дека сè поголем број луѓе се решаваат за квалификација, но и за преквалификација во професиите во оваа сфера, што, во значајна мера, е присутно и во нашата земја. Статистичките резултати од истражувањето покажуваат дека застапеноста на девојките студенти на ИТ-студиите во Македонија е на високо ниво, споредбено со поголем број  ЕУ-држави, при што над 50 % од студентите што студираат природни науки, математика и информатика, како и инженерство, производство и градежништво, се жени – истакна Антони Пешев, извршниот директор на Стопанската комора.

Во оваа насока, се обрати и Михаела Ставревска, ученичка во средното училиште „Ѓорги Наумов“ од Битола: „Иднината е во компјутерите, не е важно дали си машко или женско, ако си доволно интелигентен, можеш да успееш во секоја насока. Многу сум благодарна што се доделуваат вакви грантови, бидејќи најголем бенефит од новите опреми во училиштата имаме токму ние, учениците“.