(ФОТО ГАЛЕРИЈА) Ниту поројниот дожд не ги попишмани учесниците: Се одржа 22-то по ред издание на карневалот “Прочка” во Прилеп

Над 500 маски, поединечни и групни, од Прилеп и од други градови низ Македонија, се претставија на денешното централно дефиле од 22-то издание на Карневалот Прочка 2024.

Покрај дефилето имаше и куклено шоу, магионичари, жонглерски и други атракции, кои се карактеристични за овој празник, а ниту поројниот дожд во еден момент не ги спречи учесниците да ги претстават своите креации пред бројната публика.

Пред присутните свој поздравен говор имаше и градоначалникот Јовчески, кој порача:

“Со својата автентичност и културно богатство карневалот „Прочка“ не случајно е дел и од најголемата карневалска асоцијација, Меѓународната конвенција на европските карневалски градови на која неколкупати сме биле и домаќини.

Симболот на прилепскиот карневал „Прочка“ е маската „Прилепски мечкари“ која е традиционална автентична маска, вон конкуренција и преставува нематеријално културно наследство на Република Македонија. Таа е нашата гордост и затоа во оваа прилика сакам да им честитам за освоените награди на Здружението, што ги добиваат ширум светот , претставувајќи ја македонската култура и афирмирајќи го нашиот град.
Драги Прилепчани и добронамерници, денеска е голем и убав празник!

Празник кога се бркаат злите духови од домовите на луѓето. Тоа е празник, кога прошка се бара од родителите, роднините, пријателите, за направените грешки во текот на годината. Да се прости е највисоката, најубавата форма на љубов а за возврат ќе добиете мир и радост во душата.

Грешки правиме сите но проштевањето е една од најголемите човечки особини. Затоа проштевајте ми, ако јас сум згрешил према вас! Таков е денот – така останала вековната традиција!

Денешните маски верувам дека ќе ги избркаат сите зли духови од нашиот град, ќе не насмеат, ќе ни ја вратат среќата и сигурен сум дека ќе имаме прекрасен и успешен карневалски ден, со многу спомени, фотографии, смеа и радост”.

Карневалските случувања се завршуваат во понеделник со традиционален заеднички ручек на здружението Прилепски Мечкари во Манастир Св. Ѓоргија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.