59.000 денари изнесувала минималната синдикална кошница во март

Минималната синдикална кошница која ја објавува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во март изнесувала 58.998 денари.

Пресметката е под претпоставка за семејство од двајца родители и две деца, кои живеат во сопствен стан од околу 60 квадрати.

Најголем дел од трошоците отпаѓаат за храна и пијалоци – 22.681 денар, потоа за образование – 7.022 денари, станарина, вода, електрична енергија и греење – 6.014 денари, како и 4.945 денари за транспорт.

Поделено по ставки, 4.378 денари отпаѓаат за рекреација и култура, а 3.738 денари за ресторани и хотели и слично.

За комуникации отпаѓаат 2.473 денари, за лична хигиена и оддржување на хигиена во домот 1.788 денари, додека за здравје – 1.081 денар и 950 денари за останати стоки и услуги.

Со изнајмен стан од 60 квадрати за март, минималната кошница изнесувала 74.373 денари.

Вредноста на минималната сидикална кошница, од ССМ велат дека е во постојан пораст од почетокот на годината.

„Поконкретно во месец март 2024 година, каде што зголемувањето е најизразено кај делот со храната и пијалоците, што е резултат дека трговците не го послушаа апелот на ССМ и неосновано само во интерес на зголемување на својот профит енормно ги зголемија цените на прехранбените производи што резултира со нефер практики на трговците, и доведува до осиромашување на работниците и граѓаните, а по прекинување на мерката на замрзнати цени“, велат од ССМ.