Симуновски: Не е време за продавање на криптовалутите, сега треба да се купува за подоцна да се профитира

од Vladimir Zorba

Во ситуација кога поради секојдневниот и драстичен пад на криптовалутите неколку илјади македонски граѓани нервозно проценуваат дали е време за нивно продавање, еден од најдобрите познавачи на оваа област – Дарко Симуновски излезе со смирувачки тонови.

Во интервју за „Локално“, тој потсетува на најосновното правило за трговијата – да се купува евтино и да се продава за повисока цена.

„Ваквите падови на финансиските пазари се одлична и единствена можност за купување и акумулација на финансиски средства со ниска вредност, за подоцна кога ќе имаме биков пазар да се профитира.Чување само на фиат-валути (народски кажано пари) е сигурен пораз, со оглед дека нивната вредност постојано се намалува, особено во вакви кризни моменти“, сугерира овој крипто-портфолио стратег.

Проценките се дека  во државата околу 22 илјади лица имаат криптовалути, но има и ретки примери на луѓе што имаат вложено неколку стотици илјади евра или повеќе во дигитални валути. Според Симуновски, кај нас околу 60-тина милиони евра се „вртат“ во крипто-берзата на годишно ниво но проблемот е како што вели, во тоа што процентот на едуцирани инвеститори во Македонија е под светскиот просек.

„Токму затоа, често гледаме луѓе кои ја губат целата заштеда во вложување на т.н понзи-шеми (пирамидални) структури кои ветуваат се и сешто, но само сакаат да ги измамат инвеститорите“, вели Симуновски.

Падот на криптовалутите како последица на крахот на FTX, една од најголемите берзи за криптовалути, предизвика големи главоболки кај клиентите, трговците и инвеститорите. Во изминатите неколку години голем број македонски државјани влегоа во овој бизнис, па оттука и дилемата дали треба да стравуваат за своите инвестиции?

-Со појавата на Биткоин и други дигитални средства/криптовалути, за првпат се појави можност за секоја индивидуа да има целосна контрола на своите финансии и тоа е главна поента на криптовалутите. Но сепак, денес во светот има околу 90% крипто-инвеститори кои не се едуцирани, а кај нас во Македонија овој процент е поголем. Јас често зборував и пишував, вклучувајќи и во мојата крипто-едукативна книга (Фундаменти на Крипто Индустријата) за употреба на независни паричници (non-custodial wallets) затоа што тоа е единствен и правилен начин за чување криптовалути, односно ваквиот начин е исто како да чувате кеш пари во џеб. Додека, чување криптовалути на централна менувачница како што беше FTX, или други, значи дека технички вие не ги поседувате вашите криптовалути.

Вакви несакани ситуации имало претходно и во иднина ќе се случуваатпоради недоволна едукација на крипто-инвеститорите, и  токму затоа мојата цел е помасовна едукација за крипто светот. Значи, дигиталните средства се безбедни само ако ги чувате во независни дигитални паричници како што се :Exodus, Matamask, Coin98, Nova wallet и други. Исто така, постојат и хардвер паричници, налик како USB, како што се Ledger, Trezor и други . Исто така, да напоменам дека лозинката (од 12 збора или повеќе) не смее да биде зачувана во дигитална форма при активација на паричник.

Дали и за колку се намалени тргувањата со криптовалутите?

-Во овој период, вредноста на дневно тргување се движи од 21 милјарди УСД до 60-тина милјарди УСД, во споредба на почетокот од оваа година, од 50-тина до преку 80 милјарди американски долари. Во ноември лани имаше денови каде се тргуваше криптовалути во вредност од преку 110 милјарди УСД на дневна основа. Како што претходно спомнав, рецесијата си го прави своето, со тоа што ги извлекува парите од финансиските пазари.

Според аналитичарите, лоша вест за дигиталните средства е и фактот дека во последниве месеци инфлацијата се зголеми, каматните стапки се покачија, а готовината пресуши. Дали во ваква ситуација имаме простор за какви било алтернативи?

-Светската економија е во рецесија, со се уште висока инфлација, а монетарната политика во секоја држава е скоро иста, односно централните банки се приморани да ја покачат каматната стапка. Во една ваква ситуација, ликвидноста се намалува, а со тоа се повлекуваат пари од финансиските пазари и нивната вредност паѓа. Едно е сигурно, не можете да се заштите само со чување фиат-валути, туку со едукација и инвестиции што можат да дадат поголем процент на поврат. Дали вистинскиот чекор е продавање на криптовалутите, особено ако ги имаме предвид актуелните ниски вредности?

Најосновното правило за трговија е да се купува евтино и да се продава за повисока цена. Ваквите падови на финансиските пазари се одлична и единствена можност за купување и акумулација на финансиски средства со ниска вредност, за подоцна кога ќе имаме биков пазар да се профитира. Чување само на фиат-валути (народски кажано пари) е сигурен пораз, со оглед дека нивната вредност постојано се намалува, особено во вакви кризни моменти.

Колку сопственици на криптовалути има во Македонија, и дали можеби имате барем делумни, груби проценки за вкупната вредност која “се врти’’ на нашиот пазар?

-Проценките се дека околу 22 илјади лица имаат во посед криптовалути, а ова важи за тие што се регистрирани на централни менувачници. Имаме и ретки примери на луѓе што имаат вложенонеколку стотици илјади евра или повеќе во криптовалути. Моја груба проценка е дека околу 60-тина милиони евра се “вртат” во крипто-берзата на годишно ниво, но иста така морам да напоменам дека процентот на едуцирани инвеститори во Македонија е под светскиот просек. Токму затоа, често гледаме каде што луѓе ја губат целата заштеда во вложување на таканаречени понзи-шеми (пирамидални) структури кои ветуваат се и сешто, но само сакаат да ги измамат инвеститорите. Имаме ситуациикаде им се продаваат криптовалути што не се криптовалути и акции што реално не се никакво финансиско средство.

Главниот извршен директор на доминантната компанија на пазарот за криптовалути „Binance“, Чангпенг Жао, повика на нови, но стабилни и јасни прописи за криптоиндустријата. Колку се тие во овој момент потребни и дали можат барем делумно да ја ублажат кризата?

-Јас сметам дека секоја централна менувачница мора да има гарантен депозит во американски долари за да може да извршуваат глобални финансиски услуги. Законски решенија се потребни за криптовалути, но тоа може да биде меч со две острици, зависно од нивото на писменост (за оваа област) и намерата од страна на регулаторите. Секако дека се потребни јасни регулативи за заштита на инвеститорите, но дефакто, тоа не дава гаранција ако ги чувате дигиталните средства во централна менувачница. Јас уште еднаш ќе ги повикам властите да дозволат да им помогнам за носење на правилни регулативи и законски решенија, со цел да се подобри економијата во Македонија.

Прашан за изгледите на криптовалутата, американскиот претприемач, основач на Tesla и SpaceX, Илон Маск предвид е долга зима во која биткоинот ќе преживее. Дали е ова знакот на оптимизмот на кој многумина чекаа?

-Елон Маск е бизнисмен и инвеститор, вклучувајќи го Биткоин, но тој не е релевантен извор на информации за крипто пазарот. Тој може да придонесе за сентиментот во крипто пазарот и промоција на шпекулативни меме токени како што бевме сведоци во минатото. Тие што сакаат да инвестираат во крипто валути треба да се едуцираат и да следат релевантни крипто експерти, а не да тргуваат врз основа на шпекулации. Биткоин е најсигурно финансиско средство, односно ,,чувар на вредност” поради најдобрата токеномија (само 21 милион на биткоини ќе бидат во пазар) затоа што тој е направен да ги имитира карактеристиките на златото. Биткоин е најдецентрализирана и најсигурна блок-чејн мрежа, а со тоа е најодржлив платежен систем. Имајќи ги предвид ваквите карактеристики, тоа е одличен показател дека Биткоин ќе биде реалност во секојдневното живеење. Биткоин во иднина ќе биде дел од националните резерви на многу држави, ќе биде дел од секакви фондови, ќе има масовна употреба од популацијата и секојдневна употреба во микро и макро економијата.

К.В.С.

Слични содржини