Дискусии, поетско читање и концерт утре позади МКЦ

Од сите страни да го поддржиме МКЦ, а оваа недела грбно!, велат од иницијативата Сите за МКЦ, од каде повикуваат сите заинтересирани да им се придружат утре (недела, 14 април) од 14 часот во МКЦ парк (платото со црвениот споменик), каде ќе има програма со две дискусии, поетско читање и концерт.

Првата дискусија е со професорот Владимир Мартиновски и поетесата Ивана Јовановска околу улогата на образовните институции во ангажирање на младите на социјален и културен план, како и пишувањето на ангажирана литература.

Другата дискусија, пак, е со Мартина Штериова, млада архитектка од Скопје, која ќе каже нешто за градските симболи – како се создаваат, кое им е значењето, како исчезнуваат… Воедно со неа ќе се зборува за значењето на Универзална сала и нејзиното уништување.

„Поетско читање на отворено – цел град да не чуе. Се’ уште можете да се пријавите да прочитате свои дела, сé што треба да сторите е да ни пишете порака, со себе да земете 2 до 3 дела (пожелно е да се со урбан или активистички мотив) и да дојдете навремено 16 часот“, велат од МКЦ.

За крај, концерт на „Мојра“, со цел, како што велат „да се одмотаме после долга, збркана недела во градот“.

„Земете си ќебиња, вода и спакувајте си го ручекот, ни претстои исполнет ден“, стои во повикот на иницијативата.