„Мета“ ги реши техничките проблеми

Од компанијата „Мета“ потврдија дека го средиле техничкиот проблем кој предизвика прекин во функционирањето на „Фејсбук“, „Месинџер“ и „Инстаграм“. Стотици илјади корисници немаа пристап до овие платформи во период од два часа.

Прекини биле регистрирани во повеќе земји. Проблеми се појавиле и кај дел од сервисите на „Гугл“. Првите пријавени нерегуларности или пораки како што се „Сесијата истече“, „Погрешна лозинка“ или „Неочекувана грешка“ биле направени околу 16 часот и 30 минути.

Во тој период, револтираните корисници се пренасочуваа кон конкурентната мрежа „Икс“, позната и како „Твитер“ за да го изразат своето незадоволство. Дел од коментарите беа дека бил извршен хакерски напад поради изборниот Супер вторник во САД. Mногумина ја искористија шансата да се пошегуваат на сметка на „Мета“. Меѓу нив е и сопственикот на „Икс“, Илон Маск, којшто објави комичен цртеж на којшто, симболично, со четири пингвини, е претставена доминацијата на неговата платформа над оние во пакетот на Марк Закерберг.

Платформите на „Мета“ се меѓу најпопуларните во светот. На месечно ниво, „Фејсбук“ има три милијарди активни корисници, додека „Инстаграм“ се очекува да достигне 1,4 милијарди на глобално ниво до крајот на годинава.

Последниов инцидент во „Мета“ се смета за еден од најсериозните во последните неколку години. Сличен проблем беше регистриран и во 2021 година кога „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „ВатсАп“ не работеа повеќе од шест часа. Тогаш проблемот бил предизвикан од промени во конфигурацијата на дел од рутерите.

Претходна вестБајден: Договорот за заложниците во Газа е во рацете на Хамас
Следна вестЛазаров повика 21 играч за мечевите со Романија