Деветнаесетгодишниот Јован Костадинов, кој на 16 март повеќе од 20 пати влегол во дискотеката „Пулс“ во Кочани за да спасува луѓе додека горела, од вчера е испуштен на домашно лекување, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Во кочанската дискотека „Пулс“ загинаа 59 лица, меѓу кои и 6 деца, речиси 200 беа повредени, од кои 25 деца.
Директорот на Клиниката за токсикологија, д-р Андон Чибишев рече дека Костадинов бил хоспитализиран кај нив 7 дена поради белодробни нарушувања, т. е. интоксикација поради зголемена концентрација на јаглерод моноксид. Сосема добро ја поднел терапијата и од вчера е испишан, и треба да се јавува на редовни контроли, како и сите кои беа повредени во пожарот.
„Јован Костадинов, храбриот млад човек кој спаси 21 живот во трагедијата со пожарот во Кочани, конечно се врати дома. Јован, кој има само 19 години, постапил како вистински херој. Влегувал повторно и повторно, не еднаш, не двапати, туку повеќе од 20 пати, за да помогне на оние што биле заробени во пламените. Го ризикуваше сопствениот живот за да спаси други. Неговото тело ги носи лузните од неговото јунаштво, но неговото срце носи нешто далеку поголемо: почитта, восхитот и љубовта на цела нација. Јован не е само херој на Кочани. Тој е херој на целата наша држава. Симбол на тоа што значи да се стави човечноста над стравот. Потсетник за сите нас колку многу може да направи еден човек со големо срце“, напиша Таравари на Фејсбук.
Според видеа на социјалните мрежи, Костадинов денес е пречекан со овации од соучениците и вработените во Гимназијата „Ванчо Прке“ во Виница.
Таравари денес кажа дека денеска од скопските клиники и болници се испишуваат 12 пациенти и ќе останат 27 на лекување. Во странство се 115 пациенти, од кои 4-5 во критична состојба. Еден пациент од Белград најверојатно денес ќе се врати дома.
Основниот суд Кочани одреди мерка 30 дена притвор за сите 24 лица за кои Основното јавно обвинителство бараше изрекување на мерката во рамки на истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Меѓу 24-те лица на кои им е одреден притвор се и тројца градоначалници на Кочани. Станува збор за градоначалникот во оставка Љупчо Папазов, како и поранешните Ратко Димитровски и Николчо Илијев.
Вкупниот број на осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е отворена истражна постапка против 27 физички и три правни лица, по првите истражни постапки против седум полициски службеници од СВР Штип и полициската станица Кочани.
Б. НЕСТОРОСКА