Иднината на глобализацијата

27.03.2023 01:23
Иднината на глобализацијата

Во наративот врз чија основа е изграден денешниот глобален економски систем штотуку дојде до неочекуван пресврт. Од крајот на Втората светска војна таканаречениот либерален меѓународен поредок подразбираше слободен проток на стоки, капитал и финансии, но изгледа дека на тоа време му се ближи крајот.

Секој пазарен поредок е поддржан со наративи – приказни кои си ги раскажуваме за тоа како функционира системот. Тоа особено важи за глобалната економија, зашто светот, за разлика од одредени земји, нема единствена централна влада која ги утврдува правилата и го наметнува нивното почитување. Овие наративи помагаат во воспоставувањето и одржувањето норми кои овозможуваат уредно функционирање на системот. Еднаш интернализирани, прифатените норми ги стабилизираат глобалните пазари на начин на кој тоа не можат да го прават меѓународните закони, трговските договори и мултилатералните институции.

Глобалните наративи повеќепати се менуваа низ историјата. Во добата на златниот стандард кон крајот на 19 век, глобалната економија е прикажувана како саморегулирачки и самостабилизирачки систем кој е најсигурен кога државите се воздржуваат од какво било мешање во неговото функционирање. Преовладувало уверувањето дека слободното движење на капиталот, трговијата и здравите макроекономски политики најпосле ќе донесат најдобри можни резултати, за секоја земја посебно но и за светската економија во целина.

Колапсот на златниот стандард и Големата депресија сериозно го разнишаа наративот за добродушните пазари. Режимот од Бретон Вудс, воспоставен по Втората светска војна врз основа на кејнзијанското учење за управување со макроекономијата со цел стабилизација на глобалната економија, на државите им даде истакната улога. Од перспектива на овој наратив единствено силната држава на благосостојбата може да гарантира социјална сигурност и помош за луѓето кои пропаднале во пукнатитните на пазарната економија.

Бретон Вудс го промени и сфаќањето на односите за локалните и глобалните интереси. Светската економија развивана со моделот на плитка интеграција е подредена на целите полна вработеност и изградба на праведно општество. Благодарение на контролираното движење на капиталот и попустливиот режим на меѓународната трговија, државите можеа да развиваат општествени и економски институции во склад со своите лични преференции и потреби.

Наративот на неолибералната хиперглобализација, кој станува доминантен во деведесеттите години на 20 век, како приоритети ги воведува длабоката економска интеграција и слободниот проток на пари и на повеќе начини претставува враќање на наративот на златниот стандард и верата во благотворното дејствување на саморегулирачките пазари. Овој наратив исто така предвидува и важна улога на државата: нејзина задача е да наметнува правила кои ќе го направат светот побезбедно место за големите корпорации и банките.

Заговорниците на неолибералниот наратив веруваа дека слободните пазари ќе донесат корист и надвор од економската сфера, дека економската добивка произлезена од хиперглобализацијата ќе ги прекине меѓународните конфликти и ќе ги зајакне демократските сили ширум светот, особено во комунистичките земји како што е Кина.

Наративот на хиперглобализацијата не го негира значењето на општествената правда, заштитата на животната средина и националната безбедност, ниту ја доведува во прашање одговорноста на државите за остварување на овие цели. Но поаѓа од претпоставката дека тие можат да се остварат со инструменти и политики кои нема да се мешаат во слободната трговија и движењето на капиталот. Со други зборови, го сакаат и јарето и парите. Ако резултатите се разочарувачки, како што и се случи, виновник нема да биде хиперглобализацијата туку отсуството на комплементарни политики за поддршка во некои други области.

Хиперглобализацијата е во повлекување уште од финансиската криза во 2008 година, зашто не успеа да ги надмине своите внатрешни контрадикции. Државите кои надлежностите за развој на глобалниот наратив им го пренесоа на корпорациите беа премногу слаби за да ги наведат да ги поддржат социјалната и еколошката агенда во рамки на своите земји.

Светот се откажува од хиперглобализацијата и е крајно неизвесно што ќе ја замени. Економско-политичката рамка што ја нареков продуктивизам ја нагласува улогата на државата во решавањето на проблемите со нееднаквоста, во пружањето услуги во јавното здравство и транзицијата кон чиста енергија. Со поставување на овие занемарени цели во прв план, продуктивизмот ги потврдува внатрешните политички приоритети, притоа не загрозувајќи ја отвореноста на светската економија. Режимот воспоставен во Бретон Вудс веќе покажа дека политиките кои ја поддржуваат кохезивната национална економија можат истовремено да придонесат за промовирање на меѓународната трговија и протокот на капитал на подолг рок.

Втората парадигма во создавање може да се опише како хиперреализам, според таканаречената реалистичка школа на толкување на меѓународните односи. Во овој наратив се истакнува геополитичкото ривалство на САД и Кина и применува логика на нулта збир на економските односи помеѓу големите сили. Во хиперреалистичката рамка економската меѓузависност не е извор на двострана корист туку оружје кое може да се искористи против непријателот, како што направија САД кога со контрола на извозот на кинеските компании им оневозможија пристап до напредните полупроводнички технологии и опремата за производство.

По кој пат ќе тргне светската економија зависи какви резултати ќе остварат конкурентските рамки на економските политики. Со оглед на нивното преклопување во доменот на трговијата, најверојатно е дека во следните неколку години државите ќе усвојат протекционистички став, ќе ги вратат производствените погони во сопствените граници и ќе усвојат индустриски политики со кои се промовираат напредни производствени технологии. Исто така е веројатно дека државите ќе избираат зелени политики кои се поволни за домашните производители, како што е Законот за намалување на инфлацијата во САД, или ќе воведат бариери на границите, како што прави Европската унија преку Механизмот за прилагодување на јаглеродот на границите. Таквите политики истовремено им служат на целите на домашната и надворешната политичка агенда.

Сепак, веројатно е дека геополитичките причини ќе ги надвладеат сите останати и ќе обезбедат победа на хиперреалистичкиот наратив. Сè уште не е јасно дали фокусот за поттикнување на напредното производство, кој во моментов доминира со индустриските политики, ќе придонесе за намалување на нееднаквоста во некои земји, со оглед на тоа дека добрите работни места во иднина главно ќе бидат во секторот на услугите кој не е од значење за конкурентското натпреварување со Кина.

Со дозволување службите за национална безбедност да го преземат економскиот наратив се загрозува глобалната стабилност. Резултат ќе биде сè поопасен свет во кој секогаш присутната закана од воен конфликт помеѓу САД и Кина ќе ги принудува малите држави да избираат страна во конфликт кој нималку не им служи на нивните интереси.

Имаме единствена можност да ги исправиме грешките на хиперглобализацијата и да изградиме еден подобар меѓународен поредок со визија за заеднички просперитет. Не смееме да им дозволиме на големите сили да ја прокоцкаат таквата можност.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Toni Hamel

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото