Открива многу скандали

Објавил: Калина Мартинска | 23 април, 2024 16:06

Боки 13: Заев го почна рекетот во Македонија со објавувањето на бомбите

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Бојан Јовановски-Боки 13 во поткастот „Лазаров“ откри многу скандали за кои тврди дека постојат докази, меѓу кои и за поранешни високи фунционери меѓу кои Зоран Заев и Вилма Русковска.

„Најголемата животна грешка ми е што поклонив верба во човек кој што сите ги искористи и фрли. Тој ја фрли цела негова поставка од луѓе “– рече Бојан Јовановски-Боки 13 за експремиерот Зоран Заев во подкастот „Лазаров“.

Јовановски тврди дека рекетот во Македонија почнал од „Шарена револуција“.

„Шарена Револуција од овој аспект сметам дека беше политички инструмент. Покрај алатка за да се стигне до власт, тука е почнат рекетот во Македонија. Тука е почнато да се рекетираат луѓе и бизнисмени кои ги имаше на тие снимени разговори. На покојниот Силјан Мицевски му се земени 800 илјади евра. Јас ги знам посредно, непосредно работите, за кои можам да посведочам. За сѐ што зборувам во дадени ситуации сум материјализиран во смисла на материјални докази. Ако се спои целиот мозаик, ќе видите дека ништо не зборувам само така. Рекетирани се цела плејада на лица. После е Кирацовски, кој и мене ме спои со Силјан Мицевски. Кирацовски му се јавил бидејќи биле сограѓани со Силјан Мицевски и му кажал дека за да не му бидат објавени тие снимени разговори дека овој другиов ќе го чека во Струмица. Тие викаат дека тоа е за помош на партијата. А тоа било повише личен интерес. Потоа, брат му станува главен. Јас останувам во некакви комбинаторики со нив. Тие комуницираа со обвинетите во СЈО“ – рече Јовановски.

Јовановски посочи дека Заев има удел во бегството на Груевски.

„Што мислите Никола Груевски, така избега? Најдобро е да го прашате Зоран Заев. Онаа несреќна Вилма Русковска водеше постапка за бегството на Никола Груевски. И што откри? Зоран Заев има удел во бегството на Никола Груевски. Зоран Заев беше сериозен тровец-поединец. Прво јас му верував многу – неговата простодушност, неговиот шарм, наводната доброта, ми даваше чувство на сигурност. Јас го познавам пред да стане премиер и после откако стана премиер. Неговите апетити пораснаа многу повеќе“ – додаде Јовановски.

Боки 13 додаде и дека „СДСМ денеска е секта која се убива меѓу себе. По овие избори, СДСМ нема да постои како партија“.

Боки 13: Вилма Русковска ги знаеше пресудите за 27-ми април уште пред да ги објави Добрила Кацарска

Вилма Русковска знаела колку години ќе добијат осудените за 27-ми април, уште пред Добрила Кацарска да ја објави пресудата, тврди Бојан Јовановски, кој во минатото важеше за и повеќе од близок со поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Во гостувањето прочита комуникација за која тврди дека ја имал со Русковска, на тема пресуди за овој случај.

„Она ги знаеше пресудите за 27-ми април порано од судот да ги изрече и да донесе пресуда, вели Боки 13, кој прочита разговор што тврди дека го водел со Русковска.

Јас: Утре ќе ја пренесуваме во живо пресудата за 27-ми април, цела. И пишувам на Вилма Русковска.

Вилма: Ќе биде интересно, највисоки казни, после ќе давам изјава

Бојан: Значи, Кацарска ќе направи лом… Јас и викам значи Кацарска ќе направи лом.

Вилма вели: Лом лом, ќе видиш.

Бојан: Дај некоја екслклузива… јас и барам ексклузива за телевизијата.

Вилма: Она на тоа ми одговара, само една ослободителна, другите сите високи“.

Јовановски тврди дека имал комуникација и со тогашниот заменик на Русковска, Наум Пановски, кој му кажал дека обвинението било напишано од друг, а сега осудените биле обвинети од ракав.

„Дека е неписмена, тие се неговите зборови, дека е неписмена, дека други и го правеле обвинението и дека од ракав ги обивинила луѓето кои што се сега обвинети, сега се уствари осудени“, изјави Јовановски.

Вилма Русковска за Алфа демантира ваква комуникација со Јовановски, велејќи дека не ја знаела пресудата, а истата ја гледала онлајн, бидејќи била на патување во странство.

„Јас кога беше пресудата бев во Берлин. Колеги што беа со мене и од Народна банка и од полиција можат да потврдат, дека тогаш прв пат ги слушнав пресудите. Така што сигурно порака не сум му пратила, затоа што и јас не ги знаев“, вели Русковска за Алфа.

За вработените во 1 ТВ чиј главен сопственик беше неговиот татко Миле Јовановски

„Огромни плати, далеку повисоки од македонскиот стандард добиваа сите тие бардови и бардовки, звучните новинарски имиња кои беа дел од екипата на 1ТВ, а кои подоцна ми го свртеа грбот. Многумина од нив ме наместија во целата оваа работа што ми се случи и многумина од нив, седејќи на маса заедно со мене, ми правеле завери. Могумина од нив имале нечесна намера и телевизијата ја гледале само како бунар од кој ќе пијат вода.

Таа уредничка екипа составена од Сашо Орданоски, Ацо Кабранов, Анета Кочишки, Александар Чомовски, Борјан Јовановски, кога тргна сето ова да се готви против мене, знаеше дека нешто мене ми се подготвува. Бевме на состанок, им кажав дека нешто ми се спрема, а истата таа екипа ми го сврте грбот и се обиде да ми наштети- ова во 5-часовното гостување во поткастот на Стефан Лазаров го изјави осудениот за предметот „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13.

„Сашо Орданоски, еден од уредниците, е човек за кој подоцна дознав дека работел за некакви служби кои пренесувале некакви информации од таа телевизија. Многу сум разочаран од Орданоски, бидејќи му подарив целосна доверба, а тој подоцна сведочеше против мене во Јавното обвинителство. Сашо Орданоски знаеше многу работи. Тој одеше заедно со мене на тајни средби со бизнисмени“ – рече Боки 13 во поткастот.

Го спомна и новинарот Борјан Јовановски за кого рече дека е целосно несериозен лик.

„За Бојан Јовановски не сакам ни да коментирам. Тој е еден целосно несериозен лик. Ние имавме една група на Фејсбук во која членувавме сите, а кога излегов од затвор и кога го вклучив телефонот, прочитав сѐ и сешто што си пишувале за мене меѓусебно. Во таа група прочитав разни гадости и ми стана одвратно што воопшто ги познавам тие луѓе. А во таа група членуваа Орданоски, Борјан Јовановски, Чомовски, Кочишка… Се договарале да пијат кафе и да се зезаат за моето апсење“ – изјави Боки 13.

Тој раскажа и за односот со тогашниот уредник на 1ТВ, Ацо Кабранов.

„Беше петок кога одлучивме во понеделник да одиме на одмор во Миконос заедно со Сергеј, Кочишка, Лила и Тони. Ацо Кабранов ми се јави во саботата, а ретко се случуваше во неработен ден да ми се јави. Но, тогаш ми се јави за да ме праша како сум, кај сум и што правам. Почна да ме испитува со кого ќе одам на Миконос, кога ќе одам и со што ќе одам. А јас, будала, му кажав сѐ. И доаѓа тој понеделник, а наместо на Миконос, моето летување заврши во затворот во Шутка. Кабранов ѝ ги дал информациите на Вилма Русковска“ – рече Боки 13.

Анета Кочишки тргна со мене за Миконос, ама подоцна се дистанцираше од мене, додаде Јовановски.

„Не испадна фер, ама не ѝ земам за зло. Едноствано, таа одлучи да се дистанцира од мене. А јас толку многу ја тинтрав додека бевме блиски“ – посочи Јовановски.

Јовановски се осврна и на водителката Лила Филиповска, со која во тоа време пред апсењето бил многу близок пријател.

„Сакам да знаете дека таа Лила Филиповска го има наместено Сергеј со полиција и дека го има наместено Сергеј во еден кафиќ тука во центар во близина каде што тој живее. Со агент провокатор го повикала Сергеј да се видат. Сергеј видно вознемирен отишол после кај мајка ми. Таа почнала да го прашува и да го испитува за случајот, за тоа каде завршила торбата она го прашува Сергеј. Притоа во тој момент во празен кафиќ седнува само уште еден човек карши блиску до нив. Подоцна, Лила дојде во суд и кажа дека повеќе не ми била пријател. Ти бе госпоѓо тргна со мене на одмор, што се промени?“ – рече Боки 13.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.