Анализа на ЦЕА: Може ли фискалната децентрализација да придонесе за рамномерен регионален развој


Центарот за економски анализи деновиве објави анализа во која се обработува една извонредно значајна тема – регионалниот економски развој и влијанието на фискалната децентрализација. Наодите од анализата ги пренесе и порталот Decentralization.net.  Во анализата, инаку, се посочува дека фискалната децентрализација и рамномерниот регионален развој се тесно поврзани цели на политиката: при креирањето политики за една од овие цели, важно е да се земе предвид влијанието и врз другата област на политиката. Како што е познато, во Македонија, фискалната децентрализација и рамномерниот регионален развој се сметаат за посебни уставни цели или категории.

„Неодамна објавениот документ за политики од Центарот за економски анализи го разгледува меѓусебното влијание на фискалната децентрализација и рамномерниот регионален развој врз економскиот напредок на регионите“, пренесеува Децентрализација.нет.

Во анализата се вели дека Македонија, од една страна, нема успех во рамномерен регионален развој, а од друга страна, изразена е потребата од Владата и другите чинители за „нов бран на децентрализација“.

Досега беа подготвени истражувања за рамномерниот регионален развој и фискалната децентрализација, но тие студии имаат тенденција да го третираат регионалниот развој или децентрализацијата како посебни феномени, наместо да ги разгледуваат интеракциите и влијанието на фискалната децентрализација врз рамномерниот регионален развој. Анализата на Центарот за економски анализи има за цел да ја пополни таа истражувачка празнина бидејќи овие феномени во реалниот живот не делуваат одделно еден од друг и секако имаат взаемно влијание. На крајот на краиштата, важно е креаторите на политиките да знаат дека во втората генерација на закони и политики за фискална децентрализација, тие политики и закони не можат да ги одвојат овие два инструмента како посебни инструменти за постигнување на националните цели.

Анализата ја разгледува економската конвергенција на планските региони во Северна Македонија низ призмата на таканаречената Бета конвергенција. Бета-конвергенцијата се однесува на процес во кој посиромашните региони растат побрзо од побогатите региони. Концептот на бета-конвергенција е директно поврзан со теоријата на неокласичниот раст (Solow, 1956) каде клучна претпоставка е дека факторите на производство, особено капиталот имаат намален принос.

Емпириските наоди за нашата земја се дека планските региони не конвергираат помеѓу себе кон една стабилна долгорочна стабилна состојба (steady state). Објаснувачки ендогени фактори за (недостаток на) конвергенцијата на регионите во Македонија можат да бидат: густината на населението на единиците на локална самоуправа (ЕЛС) во рамките на регионите, уделот на урбани ЕЛС во вкупниот број на ЕЛС и активноста на пазарот на работна сила на ЕЛС во рамките на регионите.

„Наодите покажуваат на пример дека повисока густина на единиците на локална самоуправа во регионите влијае на зголемување на нееднаквоста на регионите во просек од 2%-7%. Од нашата анализа заклучуваме дека погусто населени региони и оние каде работната сила има поголема активност на пазарот на работна сила имаат поспора конвергенција. Од друга страна, поголема урбанизација го придвижува економскиот раст на регионите“, посочуваат од ЦЕА во анализата.

Понатаму, наодите за ендогените варијабли се дека понеразвиените-секундарни региони се оставени зад развојот на поразвиените-примарни региони поради ефектот на миграции кон урбани центри и емиграцијата. Магнетната привлечност на поразвиените-примарни -региони (особени на Скопскиот плански регион) ги влошува разликите во споредба со секундарните-помалку-развиени-региони. Влијанијата од агломерацијата ги привлекуваат луѓето кон примарните центри на раст на продуктивноста и повисоки заработки оставајќи ги понеразвиените секундарни региони без фактори на производство и без потенцијал. Во таа смисла треба да се даде можност за зголемување на потенцијалите на секундарните региони за да може да се зголеми нивната атрактивност и конкурентност.

Наодите од емпириската анализа покажуваат дека во Македонија, намалувањето на бројот на жители за 1 отсто кај регионите води во просек до 2 отсто зголемена нееднаквост кај планските региони (мерена како пондериран коенфициентот на варијација или како ЏИНИ коефициент). Потоа, дека 1 отсто зголемени приходи кај ЕЛС се корелирани со 7 – 7,6 отсто намалување на нееднаквоста на регионите, но ако се води сметка и за бројот на население во регионите тогаш влијанието, по глава на жител, може да биде и до 12,6 отсто во намалување на нееднаквоста на БДП по глава на жител за планските региони. Значи демографските движења имаат високи ефекти во рамномерноста на развојот кај регионите.
Понатаму, прибирањето на сопствени приходи кај ЕЛС е добар индикатор за тоа до каде може да се очекуваат приходи од даночната база за локалната власт, но имплицитно е и индикатор за нивото на ограничениот економски потенцијал на посиромашните региони каде има релативно повисок даночен напор кај ЕЛС.

„Во тој случај централната власт треба да работи на зголемување на економскиот потенцијал на понеразвиените региони за тие да може да конвергираат кон долгорочната стабилна состојба на поразвиените региони“, велат од ЦЕА.

Во анализата исто така се посочува дека ако доброто управување се мери преку буџетската реализација кај ЕЛС (реализирани приходи споредено со планирани приходи) ефектот е таков што повисока буџетска реализација кај ЕЛС е корелирана со зголемување на степенот на нееднаквост кај регионите.

Овој наод, според ЦЕА, мора да се гледа барем од три аспекта: Прво, буџетската реализација овде е на вкупните приходи на ЕЛС кои во просек во Македонија се со ниска фискална автономија, па влијанието на трансферите е такво да тие можеби влијаат кон зголемување на нееднаквоста на регионите (впрочем, блок дотациите од фискалната децентрализација се дизајнирани на тој начин за да финансираат постоечки капацитети повеќе отколку за развој на услугата).

Второ, оние примарни региони каде ЕЛС имаат доволно економска моќ ги оставаат зад себе оние секундарни региони каде ЕЛС имаат помалку атрактивна економска привлечност.
Трето, во контекст на наодите од погоре, буџетската реализација е со ограничена моќ за да биде корелирана со повисока развиеност бидејќи ефектот од економската атрактивност на помалку развиените региони е со повисок негативен ефект од можноста за позитивен ефект дури и при полна буџетска реализација на ЕЛС бидејќи секундарните региони имаат понизок економски потенцијал. Затоа, фокусот на политиките треба да биде повеќе кон економски развој на регионите отколку кон економски раст на регионите, се вели во анализата на Центарот за економски анализи.