Станиќ: Ништо не е завршено, секој следен меч за Работнички ќе биде финале

Работнички се издвои од последните позиции на табелата благодарение на победата претходниов викенд против Брегалница во Штип.

Но, за сите во таборот на „романтичарите“ е јасно дека ништо не е завршено во битката за опстанокот. Остануваат пет натпревари секој повеќе од значаен сам за себе. Свесен за тоа е и стратегот на Работнички, Горан Станиќ.

„Задоволен сум од победата над Брегалница и од изданието на тимот. Фудбалерите во целост го исполнија планот што го имавме за овој натпревар и најважно е што на крајот ја реализиравме нашата цел. Тоа што го работиме во овој краток период откако го преземав сениорскиот состав дава резултати, ќе продолжиме да работиме напорно и да ги отстрануваме грешките кои се појавуваат. Два натпревари сме без примен гол, успеавме да освоиме седум бода на последните три натпревари и видливо е дека овој тим може да функционира и уште подобро. Ништо не е завршено, секој нареден меч за нас е финале и така и ќе се однесуваме сѐ до крајот на првенството. Веќе сме фокусирани кон следниот противник, Македонија ЃП“ – вели Станиќ.

Се вчитува...