29 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСега сите ќе сакаат да работат во автоперална – вработените ќе добиваат...

Сега сите ќе сакаат да работат во автоперална – вработените ќе добиваат ем дневница, ем бонуси!

Во пресрет на пролетта, сопствениците на автоперални во Скопје се соочуваат со предизвикот на наоѓање на работници кои ќе останат на подолго време и кои ќе ја истераат сезоната до крај.

Досега, како што објаснува соопственик на автоперална во Аеродром, вработените добивале 1.500 денари дневница за 8-часовно миење на возила, но оваа сезона изнаоѓањето работници тече многу потешко во споредба со изминатите години.

Затоа, сопствениците на автопералници размислуваат да им понудат и дополнителен процент на вработените од секоја измиена кола.

Ова значи дека цените на услугите ќе се зголемат, но не за многу.

„Обичното миење на автомобил до лани чинеше 300 денари, а сега ќе чини 350 денари, при што разликата од 50 денари ќе заврши во џебот на вработениот. Ние, сопственици на повеќе разработени скопски автопералници одржавме неформален состанок и се договоривме да ја испробаме ваквата стратегија. Се надеваме дека ќе бидеме и ние задоволни, а задоволни ќе бидат и нашите вработени. Многу е тешко во денешно време да се најде вработен кој е чесен и кој навистина сака да работи. Сите бегаат во странство или си бараат полесна работа. А вака, со дневница од 1.500 денари и со дополнителен бонус, се надеваме дека ќе ги задржиме оние поквалитетните кадри“, објаснува нашиот соговорник.

На оваа тема разговаравме и со вработен во автопералница во Карпош, кој вели дека има денови кога во еден ден успева да измие и 20 возила.

„Дневно успевам да измијам и до 20 возила. Со новата понуда, ќе заработувам 1.500 денари фиксна дневница и дополнителни 1.000 денари бонус во денот. Тоа е веќе добра заработка, а процентот дополнително ќе ме мотивира да работам повеќе и да измијам што е можно повеќе возила во денот“, ни изјави 28-годишниот Северџан.

Оваа ситуација ги става сопствениците на автопералници пред нов предизвик, а клиентите треба да се подготват за мало зголемување на цените за миење на автомобили.

Сепак, ваквите промени се дел од економските движења и реалноста на пазарот на трудот. Во време кога пазарот на труд е динамичен, важно е да се најдат решенија кои ќе ги задоволат и едните и другите.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП