Скопјани помагаат за настраданите од земјотресот (галерија)

Се носат облека, ќебиња, греалки, хигиенски средства, вода, млеко, конзерви и други намирници за помош на настраданите од природната катастрофа


Фото: Б. Грданоски

Граѓаните  на Скопје, на пунктот на скопскиот плоштад,  донираат облека, храна, хигиенски средства и сѐ она што им е неопходно на луѓето кои се најпогодени од земјотресот во Турција и во Сирија.

Се носат облека, ќебиња, греалки, хигиенски средства, вода, млеко, конзерви и други намирници за помош на настраданите од природната катастрофа. 

Турски студенти, кои учат на некој од македонските универзитети ги селектираат производите, кои потоа се пакуваат за да можат да бидат транспортирани во погодените подрачја. 

Фото: Б. Грданоски

Групата волонтери вчера собраа над два шлепера донации. Најдоцна утре ќе тргне првиот дел на хуманитарна помош за Турција. Мнозинството од волонтерите се студенти од Турција кои студираат во земјава, а дел од нив ги изгубиле своите семејства или не добиле никаква вест за нив.

– Ова го правиме сосема  доброволно, целата собрана помош ќе се испрати во Турција со помош на невладините организации коишто се поврзани со институциите и другите организации од Турција. Во моментов, наполнивме два шлепера, денеска ќе стигнат донациите и од Охрид и од другите градови и во текот на денот се очекува да се соберат уште толку донации. Очекуваме вечерва или најдоцна до утре да тргне првиот дел на помош – вели Биљал Џандемир, еден од волонтерите на пунктот отворен на плоштадот во Скопје.

Донации во финансиски средства не се примаат. За вакви донации, граѓаните се упатуваат тоа да го сторат преку официјалните институции.

 

– Од тие што работат како волонтери, 95 проценти се студенти од Турција кои студираат тука, но има волонтери Македонци, Албанци, Босанци. Голем број од студентите што ни помагаат изгубиле семејства, роднини во земјотресот или не можат да добијат никаква вест околу нив. Тие се обидуваат со сите нивни можности да помогнат, истакна Џандемир.

Исто така информираше дека се отворени пунктови на неколку локации во Скопје како што се Старата чаршија, Гази Баба, Рамстор и на други места.