Воспалувачката меѓуетничка и меѓупартиска реторика пред избори може да предизвика сериозни последици и ерозија на довербата во системот. Таква реторика често создава поделби помеѓу различни етнички или културни групи, што може да доведе до напнатост и конфликти.
Поединечни политички актери можат да ја искористат меѓуетничката реторика како начин да зборуваат со своите припадници, како што е случајот сега со предизборната кампања, да ги мотивираат и да создадат чувство на идентитет и обединување, но истовремено, тоа може да има деструктивни последици за целокупната општествена кохезија и стабилност.
За ова тема универзитетскиот професор Башким Селмани за ЦИВИЛ Медиа вели дека секој оној кој за политички или било какви цели придонесува за загрозување на безбедноста е потенцијална опасност за државата.
„Безбедноста е прва обврска на државата и секој што намерно или ненамерно за политички цели злоупотребува или се заканува, претставува потенцијална опасност за државата и опстанокот на граѓаните. Можеме да истакнеме дека безбедноста е основната функција на државата, бидејќи без соодветно ниво на безбедност не може да се зборува за демократска власт или за социјална стабилност во поширок спектар. Значи, безбедноста е еден од основните предуслови за постоење на општествената заедница како и на меѓуетничката, која е основен постулат произлезен од претходен конфликт“, рече Селмани.
Тој вели дека не може да се зборува за политички процеси загрозувајќи го правниот систем. Селмани вели дека без реален договор, не може да има функционален правен систем, ниту демократија и систем на слободи и човекови права, исто така, нема формирање влада без меѓуетнички консензус кој ги штити вредностите на институциите и граѓанските слободи.
„Добро би било, наместо заканите, политичките субјекти да обзнанат решенија за јавниот долг, за корупцијата, организираниот криминал и враќање на парите што ги украде поранешниот премиер Груевски“, рече универзитетскиот професор Селмани.
Како се наближува денот на изборите сè повеќе се заострува реториката на политичките партии кои се натпреваруваат за парламентарните избори што ќе се одржат на 8 мај. Колку поблиску до овој датум, политичките експоненти не бираат зборови за да ги наелектризираат масите за да освојат глас повеќе.
За националистичките и други форми на насилство со соопштение излезе и ЦИВИЛ која од институциите бара итно, решително и конечно да се справат и да ги санкционираат сите групи и поединци кои шират омраза и повикуваат на насилство.
Назми Абдурахмани