Дигитална писменост во ЕУ: Холанѓаните на самиот врв на листата, Романците на дното

123
Фото:пекселс

Во Европската унија минатата година 55 отсто од граѓаните на возраст меѓу 16 и 74 години имале основни дигитални вештини, а Холандија е на чело на листата на земји каде овој удел е 83 отсто.

Статистичките податоци од истражувањето се објавени на веб-страницата на Евростат.

Висок удел на дигитално писмени граѓани е забележан и во Финска со 82 отсто, во Данска 70 отсто и во Чешка 69 отсто, додека на другата страна на скалата е Романија со само 28 отсто граѓани со горенаведените вештини.

Статистиката е значително под влијание на образованието на испитаниците, бидејќи 80 отсто од луѓето со високо образование имаат основни дигитални вештини, но само 34 отсто од лицата со основно образование или воопшто немаат формално образование.

Друг важен фактор е возраста, бидејќи луѓето на возраст меѓу 65 и 74 години имаат значително послаби дигитални вештини од оние на возраст меѓу 25 и 34 години. Оваа статистика се однесува и на мажите и на жените.
Уделот на постарите мажи со основни дигитални вештини е 34 отсто, а на мажите на возраст од 25 до 34 години е 69 отсто.

Оваа разлика е уште поизразена кај жените, бидејќи само 25 отсто од постарите Европејки поседуваат основни дигитални вештини во споредба со 71 отсто од помладите жени на возраст меѓу 25 и 34 години.

Жените се пред мажите во однос на познавањето на основните дигитални вештини во сите возрасни групи до 45 години, по што статистиката е обратна во корист на мажите.

Севкупните дигитални вештини се однесуваат на пет области, имено вештини за информациска писменост, вештини за комуникација и соработка, вештини за создавање дигитална содржина, безбедносни вештини и вештини за решавање проблеми.

За да имаат барем основни општи дигитални вештини, луѓето треба да знаат како да извршат барем една активност поврзана со секој домен.

Целта на Европската унија е до 2030 година најмалку 80 отсто од граѓаните на Европската унија да имаат основни дигитални вештини.