2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПлатите допрва ќе растат, а политичарите не се заслужни за тоа!

Платите допрва ќе растат, а политичарите не се заслужни за тоа!

Во време кога политичките партии ги полнат нашите глави со ветувања за зголемување на платите и пензиите, експертите предупредуваат дека вистинските промени ќе дојдат не толку поради политичките ветувања, туку поради економските сили на пазарот.

Поранешниот премиер Димитар Ковачевски неодамна изјави дека, доколку повторно биде избран, ќе се заложи просечната плата во земјата да достигне 1.000 евра, додека минималната плата ќе се искачи на 600 евра.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ ветува зголемување на пензиите и линеарно покачување од 5.000 денари за секој пензионер.

Сепак, според економските аналитичари, овие ветувања можеби се премногу оптимистички.

„Платите и пензиите не се зголемуваат само според волјата на политичарите. Тие се резултат на многу фактори, вклучувајќи ги понудата и побарувачката на работната сила, инфлацијата, и економската стабилност на земјата”, ни изјавија економистите со коишто разговаравме.

Недостигот на квалификувани работници е еден од клучните фактори кои може да предизвикаат зголемување на платите.

Кога работодавачите се соочуваат со тешкотии при наоѓањето на вешти работници, тие се принудени да нудат повисоки плати за да привлечат и задржат талент.

Исто така, инфлацијата може да влијае врз вредноста на платите и пензиите, што ја поттикнува потребата за нивно зголемување само за да се одржи истиот животен стандард.

Додека политичките ветувања може да звучат привлечно, реалноста на економските услови честопати го диктира вистинското движење на платите и на пензиите.

Во овој контекст, граѓаните треба да бидат свесни за реалните фактори кои влијаат на нивните финансии, а не само да се потпираат на ветувањата дадени за време на изборните кампањи.

Во моментов, во земјава, според евиденцијата на Агенцијата за вработување, објавени се 10.381 оглас за вработување. Најмногу се бараат оператори за во фабрики, работници за во малопродажба, угостителството и во ИТ-секторот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП