ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Загадувањето на Охридското езеро алармантно – водата во одредени делови темно кафеава

Од фотографии направени од авион се гледа загадувањето на Охридското езеро, кое во одредени делови е толку алармантно што е потребно да се преземат итни мерки. Наместо чисто сина боја, езерската вода овде на места е темно кафеава. Од „Охрид СОС“ велат дека фотографиите го илустрираат загадувањето на езерото од реката Сатеска.

„Оваа перспектива дава појасна слика на проблемот кој трае со децении, од пренасочувањето на речниот ток во езерото. Најголем дел од притоките, за жал, се загадени, и сите тие наноси завршуваат директно во езерото. Институциите, по навика, не реагираат, за нив ова не е проблем“, велат од Охрид СОС.

Екологистите се сомневаат дека загадувањето на езерото доаѓа и од изградбата на автопатот Кичево-Охрид, кој се гради цела една деценија. За реката Сатеска велат дека е еден од најголемите загадувачи на езерото од 1962 година, кога е насочена да се влева во езерото.

„Оваа ситуација е резултат на зголемениот водостој, притоките кои носат големи количини на нанос од планинските масиви и топењето на снеговите. Но надлежните инспектори за животна средина треба да испитаат што е можно поскоро, дали тоа е резултат и од градежните активности кои се одвиваат на автопатот Охрид-Кичево“, рече Ѓоко Зороски, екологист.

Од Центарот за јавно здравје во Охрид велат дека 80% од анализите на примероците земени од реката Сатеска пред самиот нејзин влив во Охридското езеро, покажуваат отстапување од физичко-хемиските и микробиолошки параметри, а водата најчесто припаѓа на трета или четврта класа.

„Секако дека градежните работи што последните неколку години се одвиваат на делницата на автопатот Охрид-Кичево, во непосредна близина на коритото на реката Сатеска, имаат свое дополнително зголемено влијание на загадувањето на река Сатеска, а со тоа и на Охридското езеро“, велат од ЦЈЗ – Охрид.

Загрижува велат големото количество на седимент, песок и земја кој со себе го носи реката Сатеска и истиот се таложи на дното на Охридското езеро, односно на самиот влив на реката во езерото, кој понатака истиот се разнесува во пошироката околина од вливот, што претставува сериозно оптеретување за езерскиот екосистем. Инаку во фаза е враќање на Сатеска во старото корито, со што треба овој проблем да се реши.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button