Свет
Посредниците напредуваат кон договор за прекин на огнот во Газа, пишува израелскиот печат
Посредниците постигнуваат напредок во напорите за постигнување договор за еднонеделен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас и ослободување на десетици заложници кои се држат во Газа и палестински затвореници од израелските затвори, јавија денеска израелските медиуми.
Воениот кабинет на Израел доцна синоќа се состана за да разговара за предлогот, но официјално не е соопштено што е одлучено.
Неколку израелски медиуми, повикувајќи се на неименувани функционери, јавија дека договорот е премолчено одобрен, и оти Израел ќе испрати делегација во Катар за продолжување на разговорите.
Хамас соопшти дека сè уште не е вклучен во последниот предлог на САД, Египет и Катар, но рамката на договорот за кој се известува во голема мера се совпаѓа со претходните барања на палестинската исламистичка група за првата фаза од примирјето. Лидерот на политичкото крило на Хамас, Исмаил Ханије, беше во Каиро минатата недела.
Израел во меѓувреме планира да ја прошири својата офанзива кон најјужниот град Рафа, на границата меѓу Египет и Газа, каде што повеќе од половина од 2,3 милиони жители на Газа побегнаа од конфликтот и живеат во шатори, преполни станови и засолништа.
Организациите за помош предупредија на катастрофа, а САД и другите сојузници на Израел рекоа дека мора да се избегне нанесување штета на цивилите.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека оваа недела ќе свика седница на владата на која „ќе го одобри оперативниот план за акција во Рафа“, вклучително и евакуација на цивили.
Висок функционер од Египет, кој посредува со Катар меѓу Израел и Хамас, вчера изјави дека нацрт-договорот за прекин на огнот вклучува ослободување на 40 жени и постари мажи заложници во замена за околу 300 палестински затвореници, главно жени, малолетници и постари лица.
Анонимен египетски функционер рече дека предложената шестнеделна пауза во конфликтот ќе им овозможи на стотици камиони секој ден да носат помош која е очајно потребна во Газа, вклучувајќи го и северниот дел на опколената територија.
Тој рече дека двете страни се согласиле да ги продолжат преговорите за време на паузата за понатамошно ослободување и траен прекин на огнот.
Кабинетот на израелскиот премиер не одговори на барањето да ги коментира дискусиите одржани во Воениот кабинет, ниту пак на извештаите на израелските медиуми.
Посредниците се соочуваат со неофицијален рок на почетокот на светиот муслимански месец Рамазан кој почнува на 11 март, кога тензиите меѓу Израел и Палестинците често се интензивираат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Фон дер Лајен: Ако Путин го прекине бомбардирањето, мировните преговори може да почнат следниот ден
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека доколку рускиот претседател Владимир Путин престане да ја бомбардира Украина, мировните преговори може да почнат следниот ден, пренесе Анадолија.
Фон дер Лејен, која дојде во Рим за време на изборната кампања за Европскиот парламент (ЕП), се сретна со млади гласачи заедно со Антонио Тајани, лидерот на Форца Италија (ФИ).
Таа на средбата зборуваше за војната меѓу Русија и Украина.
– Доколку Путин го прекине бомбардирањето, следниот ден може да се одржат мировни преговори. Но, мировниот процес мора да го водат Украинците. Нивно право е да го направат тоа, рече таа.
Регион
(Видео) „Мислевме дека е мачка“: се огласи момчето кое најде бебе во канта за ѓубре во Загреб
Синоќа во Запрешич во Загреб во канта за ѓубре било пронајдено новороденче.
„Се враќавме од тренинг и слушнавме плачење. Застанавме и мислевме дека е куче или мачка и некој ги фрлил. После тоа, пријателот собра храброст и погледна во кантата. Виде бебе со крвава глава завиткано во крпа“, изјави М.Ј, момче кое во понеделникот вечерта во Загреб заедно со другарот пронашле новороденче во канта за ѓубре.
View this post on Instagram
„Кога другар ми рече дека бебето е внатре, бев во шок, не можев ни да погледнам, веднаш се јавив на 112. Госпоѓата која одговори не праша дали можеме да го извадиме бебето од канта. Бебето сепак беше внатре додека не дојде брзата помош“, вели момчето.
Новородено бебе, кое синоќа беше пронајдено, завиткано во ќебе и фрлено во контејнер, е надвор од животна опасност.
Свет
Зeленски: Нашите војници го уништуваат окупаторот кој се обидува да напредува
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави каква е ситуацијата на фронтот.
„Олександар Сирски извести за состојбите во областите на борбените операции. Регионот Доњецк, регионот Харков – каде што е најтешко сега. Тој е на клучните места – работи со бригади, на борбени позиции. Се уште е рано да се носат заклучоци, но ситуацијата е под контрола“, рече Зеленски и додаде:
„Нашите војници го уништуваат окупаторот кој се обидува да напредува. Сè е доволно стресно. Но, ги зајакнавме насоките, особено Харков. Сега многу војници, особено жителите на Харков дојдоа во одбрана на регионот Харков, благодарност до сите за нивната ефикасност“, додаде претседателот на Украина.