Неизвесно финале во одбојката: Штип УГД израмни во финалето со Струмица 47&72

Оваа година финалето во македонската машка одбојка ќе биде неизвесно и конкурентно како ретко во последните неколку години. Штип УГД најпрво во Купот ја прекина доминацијата на Струмица 47&72, а сега штипјани одлично парираат и во финалето за титулата во домашното првенство.

Синоќа во Штип се одигра вториот натпревар на кој Штип УГД израмни на 1:1 во натпреварите откако во салата „Јордан Мијалков“ со 3:1 во сетови го доби противникот од Струмица со (30:28, 17:25, 25:20 и 25:21) по сетови за вистинско уживање на гледачите.

Во финалето се игра до три добиени натпревари, односно кој прв ќе дојде до три добиени натпревари. Следниот меч се игра во понеделник во Струмица со почеток од 19 часот, а потоа во четврток во Штип, доколку и понатаму е израмнето тогаш ќе се игра „мајсторка“ во Струмица, која е закажана за недела односно 28. април.

Струмица е неприкосновена од 2012 година досега, а струмичани сакаат да вратат за изгубената Куп-титула.

Александар Ванев, М-Нет